Државниот секретар Драган Николиќ на билатерални консултации со НАТО

Денеска преку видео-телеконференциска врска се одржаа првите билатерални консултации помеѓу НАТО и Република Северна Македонија во својство на полноправна членка на Северноатлантската алијанса.

Делегацијата од Република Северна Македонија беше предводена од државниот секретар на Министерството за одбрана, Драган Николиќ, а во нејзиниот состав беа директорот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Зоран Милески, раководителот на Секторот за политика и планирање, полковникот Горан Илиоски и Началникот на Ј-5 секцијата од Генералштабот на Армијата, бригадниот генерал Симеон Трајковски. Од страна на НАТО на консултациите учествуваа претставници од Командата за трансформација и Меѓународниот штаб.

Целта на билатералните консултации беше разгледување и утврдување на целите на способности што и се доделени на Република Северна Македонија како полноправна членка како и споделување и размена на искуства и научени лекции од областа на одбраната, а поврзани со целите за способности.

По членството на Република Северна Македонија во НАТО се наметна потребата од потполна синхронизација на националниот процес на одбранбено планирање со процесот на одбранбеното планирање на НАТО како предуслов за сеопфатно исполнување на преземените обврски. НАТО процесот на одбранбеното планирање го реализираат сите 29 сојузници и претставува повторлив 4 (четири) годишен процес на утврдување на амбициите, дефинирање на минималните потребни способности, распоредување на способностите помеѓу сојузниците, имплементација на способностите и последниот чекор е анализа на постигнатите способности.

Државниот секретар Николиќ, во своето излагање уште еднаш ја потврди цврстата определба на Република Северна Македонија како кредибилен сојузник во НАТО преку целосна подготвеност за потполно и навремено исполнување на обврските што следат. При тоа, ги истакна процесите на одбранбената трансформација во државата кои се во тек, како и одлуката на државниот врв за постигнување на преземените обврски согласно принципите од НАТО Самитот во Велс 2014 за издвојување на 2% од БДП за одбранбениот буџет и минимум 20% од буџетот за модернизација и опремување на Армијата.

Од своја страна, директорот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Зоран Милески ја потврди подготвеноста на армиските структури за исполнување на дефинираните обврски кои што произлегуваат од утврдените цели на способности на Армијата. Дополнително, напомена дека Армијата ги има започнато подготовките на декларираните состави.

НАТО се заблагодари на нашата држава и ја истакна силната поддршка на Република Северна Македонија во процесот на нејзината целосна интеграција во Северноатлантската Алијанса.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail