Донација на 13.500 брзи тестови од нашиот НАТО сојузник Норвешка- Шекеринска најави дека најголемиот дел ќе бидат во поддршка на граѓаните

Тринаесет илјади и петстотини брзи тестови за КОВИД – 19 е донацијата од Кралството Норвешка која денеска, во присуство на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за здравство Венко Филипче и норвешкиот одбранбен аташе потполковникот Егил Далтвејт, беше предадена во Военомедицинскиот центар на Армијата на Република Северна Македонија.

На настанот, министерката Шекеринска истакна дека по членството Алијансата, ние не сме сами, а оваа донација е уште една потврда за тоа.

„Во период од само две–три недели по пристигнувањето на важната НАТО поддршка во форма на 60 мобилни респиратори и дополнителна опрема, денеска добиваме значајна донација од еден од нашите постојани поддржувачи, а сега сојузник во НАТО Алијансата, а тоа е Кралството Норвешка“, рече министерката.

Шекеринска порача дека од 13.500-те брзи тестови за КОВИД – 19, главниот дел ќе биде наменет на поддршка на сите наши граѓани, а 3.500 ќе бидат искористени за тестирање на војниците и офицерите пред сите поголеми операции, за нивна и заедничка поголема безбедност.

„Сите кандидати кои што учествуваат на курсот за подофицери кој што се организира во Армијата, уште во недела ќе бидат тестирани пред да заминат на учество на овој курс. Истото правило ќе го почитуваме и при упатување во мисија, истото правило ќе го почитуваме и при организирање на поголеми вежбовни активности. Со тоа ќе ја зголемиме безбедноста на припадниците на Армијата и ќе го намалиме замавот кој што го има корона кризата врз целата држава, но и кај нас“, рече министерката.

Министерот за здравство, Венко Филипче порача дека ова е уште еден пример за одличната соработка која здравство ја има со Министерството за одбрана од почетокот на кризата.

За 12-те доктори и 20-те медицински сестри од Военомедицинскиот центар кои од понеделник се приклучуваат во третманот на пациентите со КОВИД – 19 на одделенијата во Скопје, на Инфективната клиника и интерните одделенија, рече дека се „огромна помош и поддршка имајќи предвид дека сега практично сите специјалисти од областа на интерната медицина, сите инфектолози од почетокот на кризата се посветени на третман со пациенти со КОВИД“. Филипче порача дека донираните брзи тестови се помош која е многу значајна и која значајно го олеснува пристапот на пациентите кон тестирање, а го олеснува и процесот на движење на пациенти во болничките установи.

Норвешкиот аташе, Далтвејт, истакна: „Ова е тоа што пријателите всушност го прават. Ова е доказ на вистинското пријателство. Ова се брзи тестови за детектирање на КОВИД – 19 и тие не претставуваат замена за ПЦР тестовите, меѓутоа се навистина голема поддршка во справувањето со КОВИД болеста“.

Во однос на македонско-норвешката одбранбена соработка и идните планови, министерката Шекеринска информираше за заедничкото учество со медицински персонал во рамките на норвешката болница во Кабул, Авганистан, во НАТО мисијата „Одлучна поддршка“ од почетокот на следната година.

„Хируршки тим на Армијата на Република Северна Македонија ќе се приклучи на норвешката болница која што е дел од НАТО мисијата во Кабул во Авганистан и на тој начин ќе покаже дека сме сојузници, заедно помагаме, заедно работиме, но исто така ќе ни помогне и на нас да го развиваме еден од НАТО декларираните капацитети“, рече министерката.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail