Делегација од НАТО во работна посета на Министерството за одбрана

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска во Министерството се сретна со делегација од НАТО, предводена од Ричард Лакин, надлежен за Северна Македонија во секторот за политика и планирање во НАТО. Делегацијата е во дводневна работна посета на Северна Македонија во поддршка на процесите за развој, реформи, трансформација и интеграција на нашата држава во Алијансата.

Министерката Шекеринска на средбата истакна дека Министерството и Владата се посветени на продолжувањето на реформите дефинирани во Стратегискиот одбранбен преглед, клучен документ за развој на одбраната. „Нашата цел не е само да се забрза ратификацијата на пристапниот протокол, туку и да им потврдиме на сојузниците дека ние сме посветен партнер, но дека ќе продолжиме да работиме и да се однесуваме како сојузник со истата таа посветеност“, рече Шекеринска.

Министерката се заблагодари за досегашната помош и поддршка во реформите и изрази уверување дека оваа поддршка со истата отвореност и искреност ќе продолжи и во идните чекори за развој на одбраната.

Шекеринска посочи дека последниот, а и претходните два изборни циклуси во земјата, реализирани на демократски и европски начин ја потврдуваат одлуката на сојузниците дека Северна Македонија ги исполнува политичките критериуми за членство во Алијансата.

Шефот на тимот, Лакин, истакна дека силно се цени посветеноста кон реформите и дека во последните две години се забележува постојан напредок и видливи резултати. Додаде дека тимот од Алијансата ќе продолжи да дава поддршка во реформите кои се значајни и сега, но и на подолг рок.

Делегацијата од Алијансата во рамки на посетата се сретна со клучниот персонал во Министерството и Армијата, вклучен во моменталните процеси за интеграција на Северна Македонија во НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail