Шекеринска за измените во Законот за служба во Армијата: Го заслуживме членството во НАТО, покажуваме дека ги цениме сите оние кои ја направија оваа цел достижна

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска на брифинг со новинарите кои го следат секторот одбрана информираше за измените во Законот за служба во Армијата, за кои, рече, се со цел да покажеме дека ги цениме припадниците на Армијата, кои ја уживаат најголемата доверба од граѓаните, и дека ги цениме нивните залагања и сето она што тие го направија за да ја достигнеме нашата стратегиска цел – членството во НАТО – Алијансата.

Министерката се осврна на неколку крупни промени кои, како што истакна, решаваат проблеми кои изминатите години биле видени, биле препознаени, но останале нерешени.

„Законот за прв пат го решава проблемот со станбено обезбедување на припадниците на Армијата и со овој месечен паушал, месечни надоместоци од 7.000 денари со кои што ќе бидат покриени околу 6.000 припадници на Армијата, едно крупно прашање го оставаме зад нас“, рече министерката.

Шекеринска се осврна и на промените со кои се воведува попрофесионално и многу попредвидливо водење во кариерата, со што ќе се поправи впечатокот на припадниците на Армијата дека напредувањето, школувањето и шансите за развој зависеле од лични релации, партии и политика.

„Во законот предвидуваме процесот на водење во кариера навистина да зависи од личните квалитети, од личниот придонес, од трудот и од знаењето. За прв пат ги воведуваме и јазичните знаења како еден дел од условите особено за повисоките офицерски чинови“, истакна министерката и додаде дека законските измени отвораат можност за стипендирање на млади луѓе од дефицитарните кадри за Армијата, кои по стипендирањето својата кариера ќе ја продолжат во армиските редови.

Со новите измени се покачуваат платите и кај цивилните лица вработени во Армијата, со што примањата на овие лица се доближуваат до примањата на воените лица, а се прават и сериозни позитивни измени во пензионирањето на воениот персонал.

„Во Законот за служба во Армијата предвидуваме можности за пензионирање, сега веќе со 55 години возраст и 40 години стаж во кој што влегува и бенефицираниот стаж. Предвидуваме навистина можност припадниците на Армијата да заминат на овој начин практично порано во пензија, но притоа да добиваат 80 проценти од десетте најдобри години“, рече министерката.

Измените во Законот за служба овозможуваат нашата Армија да се изгради како НАТО Армија, се воспоставува систем кој функционира и дополнително се влијае на подобрување на статусот и условите за живот на сите припадници на Армијата, нивниот мотив и желба да бидат и останат во системот кој ги гарантира мирот и безбедноста на сите граѓани.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail