Брифинг за борбената готовност на Армијата на Република Северна Македонија во 2020 година пред Врховниот командант

Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, денес во Домот на Армијата во Скопје, беше информиран од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски за состојбата и борбената подготвеност на Армијата на Република Северна Македонија во 2020 година.

На првиот брифинг за борбената готовност пополноправното членствово НАТО Алијансата присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, генералите во Армијата и претставници од кабинетот на претседателот и министерството за одбрана.

Претседателот Пендаровски, за време на брифирањето беше запознаен со состојбата во Армијата според следните функционални области: персонален менаџмент и морал, операции, обука и вежби, логистичко обезбедување, планирање, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воена соработка. Притоа беа истакнати планираните и реализираните активности во однос на обуката, ангажирањето на Армијата во асистенција на институциите во справување со „Ковид-19“, текот на трансформациските и интегративните процесикои се одвиваат согласно НАТО стандардите и останати сегменти од работата на единиците кои имаат влијание врз борбената готовност.

Од страна на генералот Ѓурчиновски беше истакнато дека со особено залагање и професионализам на сите припадници на Армијатасе реализираат сите доделени задачи во поддршка на институциите при справувањето со епидемиолошката кризна состојба предизивкана од вирусот „Ковид-19“, успешно се реализираат подготовките и учеството во меѓународните операции и дека со несмалено темпо ќе се продолжи со исполнување на сите планирани задачи поврзани со потполна интеграција во структурата на НАТО.

Притоа беше истакнато зголемувањето на борбената готовност во тековната година особено во областа на моралот на припадниците на Армијата врз основа на подобрувањето на животниот стандард и условите за престој и работа преку реновирање на објектите во касарните.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека како членка на НАТО Северна Македонија има обврска не само да ги постигне туку и да ги унапредува НАТО стандардите во чекор со сојузниците, а тоа значи постојано инвестирање во борбената готовност на Армијата. Таа нагласи дека приоритет е инвестирањето во човечкиот потенцијал, приловот на млади војници чија мотивираност ја предизвикаа подобрените услови, повисоките плати и модернизацијата на Армијата. Континуираното зголемување на буџетот на одбраната за 0,2% во последните 3 години, со цел да се достигне 2% од БДП до 2024 година, го овозможува тоа – рече министерката.

„Зајакнувањето на борбената готовност на Армијата е наш национален и НАТО приоритет. Лесниот пешадиски баталјон за неколку години ќе прерасне во Лесна пешадиска борбена група. Примарен фокус во градењето на оваа НАТО способност е пополната со персонал, опремувањето и обуките. Високото ниво на борбена готовност секојдневно го демонстрираат и нашите мировници ангажирани во операциите за поддршка на мирот“ – рече министерката Шекеринска.

Претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски во своето обраќање до учесниците на брифингот истакна:

„Изминатава 2020-та година, со сите предизвици што ни ги донесе, е историска за Армијата, поради зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО, чин со кој се исполни една од нашите главни стратешки цели како држава, и се валоризираа севкупните напори на припадниците на одбраната од независноста до денес.

Како Врховен командант сум горд на високиот професионализам и покажаната посветеност на припадниците на Армијата и во изминатата година. Прогласената кризна состојба уште еднаш ја потврди подготвеноста на Армијата брзо да одговори на потребите на институциите и да даде поддршка кога е тоа потребно.

Инвестирањето во модернизирањето и опремувањето на Армијата мора да продолжи. Еден од моите главни приоритети останува во следните години да ја достигнеме зацртаната цел, 2% од БДП да се одвојува за одбраната.“

Брифингот на борбената готовност е планска годишна обврска на началникот на Генералштабот кон претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail