Шекеринска: Со измените и дополнувањата во Законот за одбрана, покажуваме дека не сме сами како држава, туку преминуваме во колективен систем на самоодбрана

Интегрална изјава на Министерката Шекеринска по денешниот брифинг со претставници на медиумите:

„Влегуваме во последната фаза на ратификации на Протоколот за наше полноправно членство во НАТО, но влегуваме и во фазата на последни чекори пред нашето исполнување на обврските. Еден од тие чекори е носење на измени и дополнувања на Законот за одбрана, каде што како држава покажуваме дека веќе не сме сами и дека од самоодбрана преминуваме во еден колективен систем на самоодбрана, во кој што нападот на било која членка на НАТО, значи напад на сите и значи дека сите би се мобилизирале за помош. Истиот принцип го вградуваме и во нашиот Закон за одбрана и предвидуваме многу јасна процедура, на каков начин може нашата држава да побара помош од НАТО, барање за реакција на НАТО, а и на каков начин ние ќе ги носиме одлуките за учество во одредени НАТО операции.

Најголемата промена се состои во тоа дека Собранието и Владата ќе продолжат да соработуваат на овие теми, но одлуката за учество во НАТО операции ќе ја носи Владата, а секоја година ќе поднесува целосен извештај за сите учества на сите операции до Собранието. Сите останати мисии од типот на Обединети Нации, учество на мисии на ЕУ, остануваат и понатаму да се одлучуваат по сегашната постапка, тие се предлог на Влада, а понатаму стануваат точка на дневен ред и на Собранието.

Во Законот исто така предвидуваме и можни учества во мисии не само на припадници на Армијата, туку и на луѓе од целиот одбранбен сектор и ги регулираме сите прашања кои што до сега беа хендикеп или малку сива зона.

Законот е системски, Законот е двотретински, со најголемиот дел од пратеничките групи во Собранието веќе комунициравме на оваа тема и следната недела кога ќе почне дебатата по ова прашање, навистина очекувам плодна дебата, но очекувам по ова прашање навистина широк консензус и двотретинско мнозинство.

Нашата држава стига до овде, да биде на крај на ратификациониот процес. Ја добивме поканата во 2017 заради тоа што покажавме дека тоа што ќе го ветиме, го исполнуваме и дека сме партнер на кој што можат да се потпрат. Немаше ниту една најава, ниту една обврска која што ја превземавме, а до сега да не покажеме дека имаме капацитет како држава да ја реализираме. Сакам и оваа законодавна обврска целосно да ја завршиме пред самитот во Лондон и убедена сум дека и на тој начин ќе го изградиме впечатокот дека нашата држава е кредибилен партнер на НАТО. Не сме најголемата, не сме најбогатата членка. Ќе бидеме најновата членка на НАТО, но верувајте дека во изминатава година успеавме да го промениме ликот, имиџот и впечатокот за сите наши институции. Дека не даваме нереални ветувања, дека никого не лажеме, дека никого не манипулираме и дека имаме капацитет да седнеме на маса со најмоќните и најбогатите држави на светот.“

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail