Армиските атлетичари на 7. Воени спортски игри во Кина

Четворица припадници на Армијата во состав мајор Игор Јакимовски, капетан Жан Тосев, постар водник 1. класа Марија Пеликон и професионален војник Милош Ранчиќ предводени од селекторот м-р Сашо Даневски ќе ја претставуваат нашата земја на 7. Воени светски спортски игри кои ќе се одржат во Вухан, НР Кина во периодот од 14 – 29 октомври оваа година.

Министерката Шекеринска пред заминувањето се сретна со нашите репрезентативци и им посака успех и достојно да ја претстават нашата земја и Армија во настапот на овие најголеми воено спортски натпреварувања.

На престојните игри нашите претставници ќе настапат во повеќе атлетски дисциплини и тоа на трките во маратон, на 10000 метри, на 5000 метри и во трката на 1500 метри.

Ова е четврти по ред настап на ваков вид воени спортски натпреварувања, по настапот на Воени спортски игри во Индија во 2007, во Бразил во 2011 и во Јужна Кореја во 2015 година.

За успешен настап на Воените игри, репрезентативците од Министерството и Армијата беа на десет дневни подготовки  во Центарот за обука на вода во Охрид кој е дел од спортскиот комплекс „Билјанини Извори“. Армиските репрезентативци се едни од најдобрите атлетичари на државно ниво со врвни успеси и освоени пиедестали на државно и меѓународно ниво.

Министерството за одбрана и Армијата се дел од Меѓународниот совет за воени спортови (CISM) од 2006 година, како една од 140-те рамноправни членки. Нашата држава во голема мера има придонесено кон развојот и промоцијата на воениот спорт, и тоа со организација на Светското воено првенство во борење во 2015 година во Скопје и Регионалното футсал првенство – „Куп за мир“ во 2013 и 2019 година, кое се реализираше исто така во Скопје.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail