Армијата се поднови со 65 подофицери – први по 11 години пауза

По цели 11 години пауза во Армијата од денеска ќе започнат да функционираат 65 нови подофицери, обучувани од редот на професионалните војници во современа процедура и наставен план за обука. Свеченото промовирање го поздрави министерката Радмила Шекеринска која им честиташе на новите подофицери за успешно поминатата обука притоа истакнувајќи го значењето на подофицерскиот кор.

„Вие сте столбот на Армијата, лидери и учители на професионалните војници. Бидете пример во извршувањето на задачите. Вашата служба ќе остави силен печат врз професионалниот развој на Армијата“, рече Шекеринска на свеченоста во касарната „Илинден“.

Министерката изрази задоволство што почна пополнувањето на испразнетите 500 места за подофицерскиот кор. „Работевме напорно иако тоа не беше лесно, бројката на непополнети места од денес се намалува а со следната тура од 55 обучени подофицери која ќе излезе по три месеци, веќе ќе имаме 120 нови подофицери. Лично како министерка ќе се заложам секоја година да ја повторуваме оваа бројка за да можеме по три години да кажеме дека целосно сме го обновиле подофицерскиот кадар во Армијата“, истакна министерката.

Шекеринска рече дека и покрај пандемијата Армијата не запре со своите планови и задачи, и дека по успешната 2020 за одбраната, денешната промоција на 65 подофицери е вовед во активностите во 2021 година кои треба да завршат со успешно воено интегрирање во НАТО и исполнет годишен план за модернизација на Армијата. „Измените во Законот за служба во Армијата кои отвораат можност за војниците со 45 години возраст се уште една причина да бидеме сите задоволни бидејќи ќе придонесе кон ново подобрување на условите за работа во Армијата и подобра соработка со вас подофицерите како лидери на професионалните војници“, посочи Шекеринска.

На свеченоста се обрати и заменикот началник на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредини. Тој ги поздрави успешните заложби на Министерството за одбрана и Армијата за враќање на подофицерскиот курс и рече дека со тоа му се дава заслуженото значење на овој дел од функционирањето на Армијата. „Очекуваме со целосна посветеност и во потполност да ги покажете стекнатите знаења во вашите единици каде ќе ја продолжите подофицерската кариера“, им порача тој на новите подофицери.

Во рамки на свеченоста, министерката Шекеринска, заменик министерот Башким Хасани и заменикот началник Нуредини им ги доделија сертификатите на тројцата најдобро рангирани подофицери Николче Стојановски, Виктор Ефремов и Тодор Јанкуловски.

Следната група за обука од 55 идни подофицери ќе ја започне наставата кон крајот на февруари и ќе трае до крајот на април. Обуката ја изведува наставна група од Командата за обука и доктрини, Баталјонот на специјални сили и Извидувачко – разузнавачкиот баталјон.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail