Армијата се активира во заштитата на граѓаните од ширење на вирусот КОВИД 19

По донесувањето на одлуката на Владата за прогласување на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, во општините Дебар и Центар Жупа, за справување со ширењето на корона вирусот, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски одржаа состанок за координација на понатамошните активности и начинот на кој Армијата ќе биде активирана во заштита на граѓаните од ширењето на вирусот КОВИД 19.

Формиран е тим од военото и цивилно раководство во Министерството за одбрана кој учествува во работата на Главниот штаб за управување со кризи како оперативно – стручно тело кое раководи со активностите од овој Акциониот план за превенција и справување со појавата и ширењето на корона вирусот во Дебар и Центар Жупа.

Врз основа на одлуката на Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски по воведувањето кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, Армијата на Република Северна Македонија е вклучена во поддршка на овие единици на локална самоуправа во согласност со мисијата на Армијата за поддршка на населението во случај на поголеми заболувања и епидемии.

Генералштабот на Армијата наредува ангажирање на единици на Армијата врз основа на конкретните побарувања на кризниот штаб во надлежност на локалната самоуправа. Армијата е ангажирана во поддршка на Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство за обезбедување и контрола на кризното подрачје и во поддршка на МВР за засилено обезбедување на државната граница во регионот на Дебар. Од страна на военото раководство веќе се дадени насоки за подготовка на единиците во зоната на одговорност во која влегуваат реоните кои се прогласени за кризни.

Конкретните мерки, начинот на ангажирање и употреба на потребните ресурси ќе бидат врз основа на побарувањата и оперативните планови на кризниот штаб во целосна координација и соработка со сите надлежни институции вклучени во оваа мерка.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail