Армијата доби нови американски пушки

Армијата на Република Северна Македонија од денеска има нови над 1.200 парчиња автоматски пушки М-4, кои се донирани од нашиот стратешки партнер и сојузник во НАТО, Соединетите Американски Држави. Со оваа количина, освен специјалните сили кои и досега ги користеа, автоматските пушки М-4 ќе бидат дел и од вооружувањето на нашата лесна пешадија која е и наша НАТО единица која се подготвува за претстојното НАТО оценување кон почетокот на 2022 година.

„Станува збор за дел од поголем проект кој што го финансира Владата на САД и кој што ја помага модернизацијата и опремувањето на нашите армиски сили. Со овој дел на опрема практично обезбедуваме над 1.200 М-4 автоматски пушки со калибар 5.56, кој што е стандард на НАТО земјите – членки“, рече министерката Радмила Шекеринска на денешното примопредавање на донацијата на кое присуствуваше и амбасадорката на САД во земјата, Кејт Мари Брнз.

Министерката истакна дека само во период од една недела преку повеќе активности може да се види колку е широка одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и САД. Пред една недела, рече, на Криволак беа презентирани заедничките инвестиции за развој на полигонот, пред само неколку дена беше потпишан новиот и сеопфатен Меморандум за одбранбена соработка, а денеска се врши и примопредавање на новите М-4 пушки за припадниците на Армијата.

Министерката порача дека за модернизацијата на армиските капацитети се издоени значителни суми од одбранбениот буџет и дека е тоа успех бидејќи значи дека процесот се одвива континуирано. „Оваа година за прв пат успеавме да обезбедиме не само зголемување на одбранбениот буџет, туку и зголемување на процентот што ќе оди кон опремување и модернизација при што наместо бараните над 20 проценти ние обезбедивме 25 проценти за модернизација и опремување. Ние како сојузник преземавме обврски и ги исполнуваме. Веќе ја започнавме модернизацијата и со големите проекти како што се лесните оклопни возила кои доаѓаат токму од САД од каде имаме постојана поддршка како финансиска така и во опрема“, рече министерката.

Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз во својата изјава рече дека примопредавањето на автоматските пушки во вредност од 1,2 милиони долари е уште еден пример за тоа како двете земји работат заедно, осигурувајќи ја интероперабилноста не само со САД, туку и со другите сили на Алијансата. Амбасадорката Брнз порача дека ова претставува и признание за заложбата на Северна Македонија да реализира еден голем проект како што е модернизацијата на Армијата, заложба со која Армијата не е само поподготвена и активна членка на НАТО, туку и Армија која добро се позиционира за да може да даде придонес со другите сили на НАТО. САД, рече амбасадорката, ќе продолжат да бидат стратешки партнер на нашата земја и во понатамошниот процес на армиската модернизација.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail