Владата на РСМ на Форум „Две години влада – одговорно пред граѓаните“: Создаваме држава со сосема извесна европска иднина, за благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани ослободени од стравовите и предрасудите на минатото

18070_slide

Со форумот „Две години влада – одговорно пред граѓаните“, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со останатите заменици претседатели и министри во Владата, денеска е одржан јавен, отворен, настан на кој и во оваа прилика е овозможено јавноста и граѓаните да ги изразат своите мислења, коментари, сугестии, предлози и критики за работата и политиките на владата.

На денешниот форум, поделен во два дела „Промени 2017 -2019“ и „Агенда 2019 – 2020“, свое излагање имаа премиерот Заев и заменик претседателката и министерка за обрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик претседателот задолжен за европски прашања Бујар Oсмани и заменик претседателот задолжен за координација на економските ресори Кочо Анѓушев, кои во првата сесија ги издвоија најзначајните остварувања од Програмата на Владата.

Премиерот Заев во своето воведно експозе како резиме на најважаните постигнувања на Владата на РСМ, истакна дека за одбележување на две-годишнината од работата на Владата, говорат одговорите на прашањата каде бевме и кон каде сме упатени, како држава, како општество, како граѓани.

„Кога ги презедовме сите иницијативи, прво како опозиција, а потоа како носители на власта, реков дека единственото нешто што не интересира и што секогаш ќе биде наш приоритет, ќе биде иднината, и дека на светот ќе му дадеме еден друг Балкан. Балкан на земји кои ги оставиле зад себе предрасудите и историските концесии и кои се свртени кон благосостојба на своите граѓани, кон градењето добри и пријателски односи со своите соседи“, нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РСМ Заев рече дека за неполни две години ги решивме сите отворени прашања со соседите, и ја презедовме одговорноста да го решиме спорот со Грција.

„Наша одговорност и должност беше да го зачуваме идентитетот македонски. Го зачувавме, и го потврдивме и го зајакнавме. И светот го препозна тоа. Ни оддаде признанија. Не препознаа како рамноправен партнер, како фактор во регионот, во Европа и во светот, и оваа година го добивме најпозитивниот извештај до сега откако сме држава кандидатка за членство, со чиста, и безусловна препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство. За тоа заслужуваме да се израдуваме и да си честитаме сите. Сработивме многу и имаме резултат“, потенцираше премиерот Заев, и додаде дека дводневниот состанок Северноатлантскиот Совет на амбасадорите и на постојаните претставници на земјите членки на НАТО, со кој ќе претседава Генералниот Секретар Јенс Столтенберг, кој ќе се одржи утре во Скопје, е големо признание и чест како на земја која ги оди последните чекори до полноправно членство во НАТО.

Во продолжение на своето експозе за двегодишната работа на владата премиерот Заев нагласи дека концептот „Едно општество за сите“ е модел за нашата заедничка иднина кој започнува со почитувањето на сите заедници – мозаик во кој различните култури се почитуваат, соработуваат, се надополнуваат и меѓусебно се збогатуваат.

Тој додаде дека оваа влада ги активираше сите потенцијали за да обезбеди праведна држава и социјална сигурност затоа што веруваме во инклузивно општество, еднакво општество кое што дава шанса и се грижи за секој поединец.

„Пакетот закони за социјалната реформа сега е комплетиран и во сила, и го овозможува спроведувањето на придобивки од непосредна важност на стотици илјади граѓани на нашата земја. Социјалната помош е зголемена за 300%. Ги враќаме парите на граѓаните таму каде што се најпотребни – кај најсиромашните, и активираме и услуги коишто на овие наши граѓани ќе им отворат шанси за вработување и трајно решавање на нивниот социјален статус“, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РСМ Заев рече дека структурните промени, вредносните промени, парадигмата за нашата земја нема да се променат ако не биде поткрепена со силна, реална економија.

„Со планот за економски раст поддржуваме нови инвестиции, и отворање на нови подобро платени работни места. Имаме нови рекорди во бројот на странските инвестиции, и нивната вредност. Ја намаливме невработеноста под психолошката граница од 20 отсто. Тоа се потенцијалите за подобар живот за сите“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев се задржа и на реформите во правосудниот систем со кои се создава чесно, независно и ефикасно судство за сите граѓани еднакви пред законот.

„Еве само една од разликите од пред две години. За прв пат од нашата независност, покренати се кривични постапки за одговорност за злоупотреба на АКМИС системот. Сега претседателите не се дрзнуваат да распределуваат предмети под рака или на недозволив и незаконит начин, а круна на целокупната работа беше донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, и изборот на новата антикорупциска комисија, што покажува дека навистина имавме искрена и добра волја во креирањето на законската рамка“, потенцираше Заев.

Премиерот Заев во завршницата на своето обраќање се задржа на политиките на отворена и отчетна влада, како столбови во борбата против корупцијата, на елиминирањето на сите можности за злоупотреба и контрола на медиумите, на менување на односите во администрацијата, за да обезбедиме квалитетни услуги за граѓаните, како и на квалитетни здравствени услуги со изградба на достапен, квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита што ќе обезбеди врвни услови за работа на медицинскиот кадар, за негов развој во струката, за достојни плати.

На крајот од своето обраќање на форумот „Две години влада – отворено пред граѓаните“, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев истакна дека создаваме држава со сосема извесна европска иднина, со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани ослободени од стравовите, земја како пример кој блеска на Балканот, според најновиот извештај за напредокот на нашата земја на Европската Комисија.

Во продолжение на отчетот за сработеното на форумот „Две години влада – отворено пред граѓаните“, заменик претседателката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска посочи дека во политиката и бизнисот се користи зборот game-changer за човек, луѓе или настани кои ја променуваат реалноста/ играта која траела со години или децении.

„Денеска, две години по преземањето на власта можам да кажам дека ја одигравме улогата на game-changer-и. Затоа што: Пред две години не можевме да изговориме “членство во НАТО”. Како држава, како Влада, па и како Министерство за одбрана направивме правилна проценка. И го сработивме тоа што беше потребно“, нагласи Шекеринска, и додаде дека како резултат на таа проценка и таа работа денеска сме држава со потпишан Приемен протокол за членство во НАТО. Де факто сме веќе членка на НАТО, де јуре ќе станеме за помалку од една година, со веќе активирана позитивна инвестициска клима за економски бенефиции како најголеми индиректни влијанија што ги носи членството во НАТО, а не се од воена природа.

Во делот на оствареното и реформите во делот на безбедносно-разузнавачките служби и во делот на полицијата, заменик претседателот и министер за внатрешни работи потсети реформата на пакетот закони започна со реформата на системот на следење на комуникациите, кој беше изворот на политичката криза и инструмент за владеење на режимот во минатото.

„Таа реформа денес е реална, оперативна и спроведена реформа која функционира. Впрочем, тоа е нотирано и во Извештајот на Европската комисија, каде е забележано дека Оперативно-техничката агенција функционира, а Собранието спроведува надзор над институциите кои се вклучени во системот на следење на комуникациите. Следен чекор кој е особено значаен е реформата на безбедносно-разузнавачките служби, особено Управата за безбедност и контраразузнавање“, рече министерот за внатрешни работи Спасовски.

Заменик претседателот во владата задолжен за европски прашања потсети дека имавме состојба на буквално целосна недоверба во институциите, и недоверба меѓу етничките заедници која се закануваше да ги наруши меѓуетничките односи, за две години е направен пресврт. Пресврт кој е оценет највисоко и во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата за 2019 година.

„Ние сме предводници во регионот. Со оценка 3,5, ние сме и пред Србија и Црна Гора, но и пред Албанија, Босна и Косово. И во делот на нашите пазарни системи и услови за водење бизнис, сѐ повеќе се усогласуваме со оние на Европската Унија“, рече Османи и додаде дека оценката во Извештајот на Европската Комисија не претставува награда, не претставува частење, туку вистински мериторен израз на нашиот напредок и реална проценка дека сме подготвени за преговори, и дека Република Северна Македонија оваа година ќе ги започне преговорите со Европската Унија.

Првиот дел од денешниот форум „Две години влада – отворено пред граѓаните“, заврши со обраќањето на заменик претседател задолжен за координација со економските ресори Кочо Анѓушев кој зборуваше за рекордните странски инвестиции и за политиките за подигнување на конкурентност, зголемување на извоз, технолошки развој и иновации, и за нови, подобро платени, работни места.

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев потсети дека на 1 јуни 2017 година, кога оваа Влада започна со работа, економијата покажуваше негативни стапки на раст, беа затекнати заостанати фактури со вредност од стотици милиони евра, за завршени, но несуштински проекти, имаше неколку годишен застој во исплатата на субвенциите за определени култури, како и други ситуации кои имаа потенцијал да го загрозат економскиот развој на земјата.

За две години постигнати се високи стапки на раст на индустриското производство, раст на извозот, како и покачување на платите за граѓаните, како резултат на Владините мерки, но и на тековите во стопанството.

„Реалност е дека се градат 19 нови фабрики на странски инвеститори во ТИРЗ, како и 6-7 други фабрики надвор од зоните, сведоци сме и за две нови одлуки на странски компании словенечката Таб Мак и чешката Локо Транс. Работиме на поддршка на реалната економија, на привлекување на инвестиции од домашни и странски компании, бидејќи само на тој начин може да се постигне одржлив и повисок економски раст. Очекуваме 2019 да биде една од еконосмки најуспешните во историја, Владата има капацитет, знаење и сила да испорача добри резултати“, заврши Анѓушев, по што следуваше дискусијата со присутните учесници на форумот.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail