Во обраќањето пред семејствата на загинатите и многубројните делегации кои оддадоа почит на загинатите бранители, министерката Шекеринска изрази почит за Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце, за нивната храброст и пожртвуваност и ги нарече херои на нашата земја.
„Нивните дела, начинот на кој дадоа сè, вклучително и нивниот живот треба да ни бидат пример за тоа како се сака и се почитува и брани татковината. Ќе ја цениме и нивната храброст, ја цениме и нивната пожртвуваност. Овие десет бранители платија највисока цена во еден од најтешките мигови кога нашата држава се најде на крстопат и стоеше помеѓу војната и мирот. Тогаш се соочивме со вистинска трагедија која однесе премногу животи, зави многу семејства во црно, нанесе болка на многу наши граѓани и која не’ научи дека мирот, стабилноста и безбедноста немаат цена“, рече министерката.
Шекеринска порача дека нашата држава се менува, но дека сеќавањата остануваат. Денес, додаде министерката, дојдовме во фаза во која велиме НАТО и ЕУ ни требаат и за да ни обезбедат поголема безбедност, поголема стабилност. И ние со нашите домашни однесувања и политики тоа треба да го гарантираме на своите граѓани, заклучи таа.
Делегација од Министерството и Армијата, предводена од државниот секретар Драган Николиќ, претходно положи венец со свежо цвеќе на спомен – плочата крај Карпалак.
Во Прилеп, министерката Шекеринска ја посети и касарната „Мирче Ацев“, каде се сретна со припадниците на Армијата со кои разговараше за условите во кои тие ги извршуваат своите должности.