Шекеринска по состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО: Донесовме нов оперативен план за справување со корона вирусот, креираме заеднички фонд и залихи од медицинска опрема

Сојузниците во НАТО – Алијансата, меѓу кои и нашата земја денеска донесоа нов оперативен план за справување со пандемијата, како и одлука за создавање на заеднички фонд кој ќе ги покрие итните потреби на земјите – членки, и за креирање на залихи од медицинска опрема, информираше министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, по завршувањето на втората сесија на министерскиот состанок на Северноатлантскиот совет.

„Сите 30 сојузници сме соочени со истиот проблем , а тоа е со пандемија која веќе има глобални размери и затоа најдобриот и најефикасниот начин е да имаме единствен став, координиран одговор, да бидеме солидарни во помошта, но и брзи во реакцијата“, рече министерката Шекеринска. Појасни дека заедничкиот фонд ќе се користи за набавка и обезбедување на медицинска опрема, транспорт на опремата, на пациентите и на здравствените работници, додека залихите ќе се креираат преку набавките од овој фонд, но и донации од земјите – членки.

Министерката посочи дека НАТО и досега одигра важна улога во поддршка на земјите – членки, но и земјите – партнери во справување со вирусот, преку транспорт на критична медицинска опрема како и подигнување на речиси 100 полски болници. Овој ангажман, рече министерката, на многу начини беше сличен на ангажманот на нашата Армија и во поглед на поддршка на цивилните институции, но и во поглед на искористување на капацитетите на мобилната болница.

„ Ако некој имал дилеми, еве точно што значи да сме дел од Алијансата. Тоа значи да учествуваме во одлуки, но и да ги користиме бенефитите на вака организираната акција и солидарност. Тоа значи дека не сме сами и дека не сме мали, туку дека сме дел од навистина најмоќната воено – политичка алијанса. Дека сме дел од поголемо семејство кое се поддржува и помага секогаш кога таа помош е потребна“, рече министерката Шекеринска.

На денешната, втора и последна сесија за овој министерски состанок, освен министрите за одбрана на земијте – членки на НАТО се приклучија и високиот претставник на Европската Унија, Жосеп Борел, но и министрите за одбрана на Шведска, на Финска и на Австралија.

На новинарско прашање во врска со набавката на новите униформи за припадниците на Армијата, министерката посочи дека се решава прашање кое долги години не било решено.

„Навистина ми е задоволство што најпосле и војниците може да се почувствуваат дека се ценети од својата држава, затоа што имаат повисоки плати, затоа што имаат зголемени надоместоци и затоа што кога ќе ја облечат униформата на својата земја ќе се чувствуваат и горди и задоволни и ценети“, рече министерката Шекеринска.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail