Шекеринска: Криволак ќе биде нашата лична карта во НАТО

Армискиот полигон „Криволак“ доби нов пат во должина од 33 километри со кој се отвора нов пристап од стрелиштето Пенуш кај Штип, а истовремено се обнови и патната инфраструктура во самиот полигон во должина од 15 километри.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која денеска беше во посета на Криволак каде работат инженерците на Армијата информираше за сработеното и за идните планови за овој капацитет за кој рече дека е „дополнителен ресурс во колективната одбрана и безбедност на Алијансата“ и „наша лична карта во НАТО“.

„Овие инвестиции значеа огромен напор, огромен труд и огромна волја пред сè од нашиот Генералштаб и од нашите инженерци кои што во изминатиов период секој работен ден го поминуваа на армискиот полигон ’Криволак’. Ја постигнавме нашата прва стратешка цел, а тоа е полигонот ’Криволак’ да го отвориме кон север и да го поврземе со стрелиштето Пенуш кај Штип за да можеме од две страни да пристапуваме кон полигонот и за да го ослободиме притисокот кој што досега постоеше исклучиво преку Неготино”, рече министерката.

Шекеринска им честиташе на инженерците за квалитетно извршената работа, за која рече дека доколку не се работела со сопствени ресурси, туку комерцијално, би чинела 10 пати повеќе, односно наместо околу еден милион евра за целосно завршен проект, тој според проценките би чинел околу 10 милиони евра. Додаде дека средствата кои се потрошени се единствено за дневници, за храната која се обезбедува и за горивото, што уште еднаш ја потврдува паметната одлука која беше донесена за инвестирање во инженериски машини која овозможи инженерците да можат самостојно да го реализираат овој проект.

Во однос на значењето на инфраструктурните зафати на полигонот за Алијансата, министерката посочи дека „со оваа инвестиција, со оваа обновена и нова инфраструктура, следната година кога ќе се организира уште една голема вежба во соработка со Армијата на САД и неколку други армии во соседството, ќе имаме шанса да им покажеме колку сме го подобриле овој полигон за само една година и тоа ќе го зголеми интересот за заедничка работа на ’Криволак’“.

Шекеринска најави финансиска поддршка од американската армија за еден дел од проектот и дека во првата половина од следната година очекуваме американски инженерци да се приклучат на нашите инженерци во активностите за инфраструктурен развој на полигонот.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail