Шекеринска: Ги повикувам сите пратеници и сите партии кои 30 години говореа за НАТО сега да го изгласаат Законот за одбрана во кој ги вградивме и родовите перспективи

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска учествуваше на Конференцијата „Улогата на жените во сочувувањето на мирот и безбедноста и Резолуцијата 1325 основа за акција“, која се одржа во организација на Здружението на граѓани „Нексус – Граѓански концепт“ со поддршка на НАТО.

Во своето обраќање министерката Шекеринска искажа благодарност за поканата на оваа значајна Конференција која дава дополнителен придонес за чекорите кои се преземаат во однос на родова рамноправност и истакна дека Резолуцијата 1325 е документот кој ја признава нерамноправната положба на жените особено при воени конфликти и повикува на примената на родови перспективи во моментите на криза на војна и моментите на градење на системот за безбедност.

Шекеринска во оваа прилика ја истакна заложбата на Министерството за одбрана на планот на родовите перспективи, и посочи дека иако бројот на жени континуирано се зголемува, ќе се продолжи со политиката на привлекување и задржување на жени во Армијата во офицерскиот, подофицерскиот, војничкиот и цивилниот кадар.
„Со предложените измени во Законот за одбрана и Законот за служба во одбраната, кои што се во Собранието во моментот, родовата компонента за прв пат е вградена во самиот почеток на Законот и велиме исто како што одбраната и Армијата треба да ги почитува принципите на правична застапеност согласно Уставот, исто така и целиот Закон треба да го гледаме низ призма на еднаквост’, рече Шекеринска.
Таа додаде дека како резултат на досегашната работа во Министерството, се уриваат бариерите во кариерното напредување. „Бројките се мали, ама прогресот е важен. Ако пред две години имавме само една жена полковничка, денеска имаме три. Ако порано на повисоките позиции немало ниту една жена, сега за прв пат во историјата на нашата држава имаме жена аѓутантка на Врховниот командант. Мислам дека се ова важни сигнали, затоа што акциските планови се носат и се забораваат, ама видливите промени остануваат.“

Министерката Шекеринска упати апел до пратениците во Собранието што поскоро да го изгласаат новиот Законот за одбрана, бидејќи со измените на тој Закон, практично се реализира моќта која што ја дава НАТО алијансата. „Бидејќи законот немаше практично ниту една критична точка за која некој би отворил прашања, јас навистина очекувам неопходното дво третинско мнозинство да биде обезбедено и ги повикувам сите пратеници и сите политички партии кои што 30 години говореле за членство во НАТО, сега со едно притискање на копчето да покажат и акција, а не само зборови“. заклучи Шекеринска.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail