Средба на министерката Шекеринска и адмиралот Бурк за годишнината од членството во НАТО: Северна Македонија додаде вредност на Алијансата

Во чест на одбележувањето на првата годишнина од членството во НАТО, во официјална посета на Северна Македонија пристигна командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмиралот Роберт Бурк.

На средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која попладнево се одржа во Министерството за одбрана, адмиралот Бурк ги пренесе честитките на сите сојузници за првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО. Стана збор за придонесот на Северна Македонија како активна членка на Алијансата, во колективната, а особено во безбедноста во регионот.

- Северна Македонија дава, рамноправен придонес во максимата – заедно сме посилни.Додадовме нова вредност на значењето на НАТО за безбедноста во регионот со директно учество во силите на КФОР на Косово, кои се под капата на Сојузничката команда во Неапол. Додаваме нова вредност на Алијансата со секојдневното унапредување на полигонот за обуки Криволак. Додаваме нова вредност со нашата НАТО декларирана единица – Лесниот пешадиски баталјон, каде нашите најдобри припадници на Армијата секој ден стануваат се подобри – изјави министерката Шекеринска.

Шекеринска се заблагодари за придонесот на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје, која две децении помагаше во реализацијата на стратешката цел – членството на Северна Македонија во НАТО.

- Затворањето на НАТО Канцеларијата за врски значи дека тие ја завршија својата работа со успех а ние израснавме во сојузник кој не само што може со свои сили да се развива дома, туку со своите сили може да придонесува и кон колективната безбедност – изјави Шекеринска.

Адмиралот Бурк ја потенцираше важноста на учеството на македонската Армија во НАТО мисиите и на специфичните капацитети за обуки со кои Северна Македонија придонесува во Алијансата.

- Чест ми е и привилегија да ги претставувам сојузниците на утрешната церемонија на одбележувањето на годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО. Република Северна Македонија имаше одличен почеток и обезбедува многу значаен придонес во Алијансата.Како што спомна министерката, има многу единици кои работат под мојата команда и тоа го правеа и во децениите зад нас. Специфичните способностина вашата земја се многу важни за НАТО – рече адмиралот Бурк.

Тој денеска имаше средби со државниот и армискиот врв, а утре ќе учествува на централна свеченост за одбележување на првата годишнина од членството во НАТО во касарната Илинден.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail