Министерството за одбрана презеде низа мерки за спречување на ширењето на вирусот КОВИД 19

Во таа насока, министерстото донесе одлука да се откажат сите службени патувања  на вработените (конференции, средби, обуки, курсеви ), во земјите со висок и среден ризик.

Сите кои службено отпатувале пред оваа одлука, по враќањето во земјата задолжително ќе останат во домашна изолација 14 дена.

Во моментов припадници на Армијата не се ангажирани на воени вежби во земјите од ризични подрачја.

За да се елиминира секоја можност од ширење на вирусот, министерството за одбрана го ограничи бројот на средби со странки – комуникацијата ќе се одвива телефонски, преку меил или со видео конференциска врска.

Доставена е наредба до сите командни единици редовно да се вршат превентивни хигиенски мерки, постојано чистење и дезинфицирање на просториите, питомците од Воената Академија се пуштени од настава дома, се врши редовна дезинфекција на автобусите за превоз на припадници на Армијата.

Со наредба од началникот на Генералштабот, командантот на Военомедицинскиот центар е обврзан да биде информиран за развојот на настаните во Армијата и да биде подготвен за контакт и евентуална соработка со соодветните здравствени институции во државата.

Епидемиолозите во Военомедицинскиот центар се задолжени да ја следат здравствената состојба на припадниците на Армијата и да го контролираат спроведувањето на превентивните мерки за елиминирање на опасноста од ширење на вирусот.

Министерството и Армијата ги спроведуваат сите превентивни мерки наложени од владата. Армијата е во оперативна состојба, потполно функционална и подготвена во случај на потреба, своите капацитети да ги стави во функција на заштита на граѓаните.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail