ИНТЕРВЈУ НА МИНИСТЕРКА ЗА ОДБРАНА, РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА, за МКД.МК – Очекуваме дека мнозинството граѓани ќе се изјаснат дека сакаат Македонија да биде нормална, стабилна, просперитетна земја, членка на ЕУ и НАТО

mkd-380625Владата очекува во јули да ја добиеме поканата за членство во НАТО, која ја пропуштивме во 2008 година. Со нашите резултати во повеќе области, кои ги изненадија и најголемите оптимисти, се ставивме во ситуација да имаме шанса за НАТО-покана оваа година, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за МКД.мк. Што се однесува до ЕУ, во наредните неколку дена Владата ќе ги повторува истите пораки, а тоа е дека „не баравме и не очекуваме подарок, бараме ЕУ да го почитува она што го кажува како услови за почеток на преговорите“. За претседателот Иванов Шекеринска вели дека сега клучната цел е да успее процесот на евроатлантска интеграција, а „не сите да се претвориме во колатерална штета на неуставното однесување на еден претседател”.

Најавата за покана за членство на Македонија во НАТО веќе е објавена и таа е ставена на дневен ред на Северноатлантскиот совет. Се очекуваат ли евентуални пречки, особено по изјавата на генералниот секретар Столтенберг дека покана ќе има ако помине референдумот, или ова прашање за поканата е апсолвирано?

Владата очекува дека во јули Македонија ќе ја добие поканата што ја пропуштивме во 2008 година.

Она што можеби создава конфузија се двата различни чекори во процесот на зачленување во НАТО. Имено, првиот чекор е поканата, потоа доаѓа период на приспособување на различни институции, а на крај сите земји членки и државата се покануваат да ги потпишат договорите за пристапување. И за тој чекор се користи терминот покана – бидејќи земјата и членките се канат да ги ратификуваат договорите за пристапување. Низ истиот процес минуваа Хрватска и Албанија во 2008 година, и Црна Гора по 2015 година. Онаа покана што Македонија не ја доби во 2008 очекуваме да ја добиеме во јуни.

Она што ќе следува е дека Македонија, како и земјите што ги споменав, ќе треба да помине низ транзициониот процес, кој обично трае неколку месеци пред да започне процедурата на ратификации. Еден дел од државите добиле и поконкретни обврски, а ние сметаме дека во случајот со Македонија нема да бидат особено сложени. Во Македонија во истиот период ќе се случуваат и референдумот и собраниската процедура за уставни измени и очекуваме дека во почетокот на следната година ќе почне процесот на ратификација на договорите за зачленување.

Значи ли тоа дека поканата сега во јули е апсолвирано прашање и дали добивте потврда за тоа?

Во политиката, особено за држави како Македонија, никогаш не постојат апсолвирани прашања. Се игра до 90-та, ако треба и до 95-та минута. Секогаш се потсетувам на 2008, кога сите најави беа дека сѐ е завршено. Ја потценивме опасноста, ги потценивме ризиците и Македонија плати преголема цена.

Во овој момент работиме како ништо да не е сигурно, поради тоа што и НАТО и светот и ЕУ се соочуваат со многу проблеми, не е само прашањето за Македонија на дневниот ред. Затоа наша задача е секој ден да повторуваме колку е важна поканата за членство во НАТО за Македонија, за регионалната стабилност и колку е важна и за имиџот и силата на НАТО. Да покаже дека она што е најавено и заслужено, не се повлекува и ќе биде на маса.

Убедена сум дека на 12 јули Македонија ќе има причина за славје, но не ги земаме најавите здраво за готово.

Често ни се случува да упаднеме во една од двете замки: целта да ја сметаме дека е сигурна и да се опуштиме или да ја сметаме за безнадежна и да се откажеме од неа. И двата пристапи се многу опасни.

Еден конкретен пример беше Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Вториот пример е последнава година. Да го поставевте ова прашање лани, во почетокот на нашиот мандат, сите што ја знаат Македонија и го знаат НАТО ќе ви кажеа дека е речиси невозможно Македонија да ја добие поканата оваа година. Меѓутоа не се откажавме. Македонија е мала држава и не може да чека некој друг да ѝ ги нареди чекорите и коцките. Сами мора да ги тераме.

Со нашите резултати во повеќе области, кои ги изненадија и најголемите оптимисти, се ставивме во ситуација да имаме шанса за НАТО покана оваа година. Инаку, од јуни до декември лани никој во НАТО не си дозволуваше да даде охрабрувачка изјава, почнувајќи од генералниот секретар, па до земјите членки. Сметаа дека Македонија има многу работи што мора да сработи дома пред тие да носат каква било одлука околу покана. Но не спиевме, не се обесхрабривме, не се разочаравме, туку понудивме толку многу аргументи за поканата што практично никој не можеше да каже „не”.

Подготвена ли е АРМ за членство во НАТО?

Македонската армија придонесува веќе 16 години за глобалниот мир и стабилност и преку учество во мисии на НАТО. Тие над 4.000 припадници на АРМ беа крупен аргумент дека членството во НАТО ни е заслужено и од воена, армиска страна. Факт е дека АРМ направи многу во своето приближување кон стандардите на НАТО, но факт е и дека 2008 година значеше голема загуба на ентузијазам, на волја, на форма и кај Армијата.

Драстично беа намалени и буџетите кај армијата и практично од држава што порано го задоволувала условот од 2%, станавме држава во која издвојувањето за одбраната се симна и под 1%. Тоа влијаеше на лоши состојби во

Армијата, неврзано со нашето членство во НАТО. Слаба опременост, лоша финансиска кондиција, лоши услови за работа…

Во последнава година фокусот ни беше и на армиските подготовки. Тоа значеше дека го зголемивме буџетот за одбрана за 15%, зедовме обврска секоја година за 0,2% од БДП да ги зголемуваме издвојувањата за одбраната, им ги покачивме платите на сите припадници на АРМ, решаваме некои од клучните елементарни проблеми од типот на униформа и чизми, кои сега се во процес на набавка, и ги заокруживме клучните документи за реформи во секторот.

Уште од 2015 година, Стратегискиот одбранбен преглед е неколкупати одлаган, почнуван и незавршуван. За 12 месеци успеавме да го завршиме тој процес и тој доби највисоки комплименти од страна на НАТО експертите и земјите членки кои беа вклучени во процесот. Во периодот на транзиција и Армијата ќе треба да претрпи одредени структурни промени, модернизација и подобрување во делот на воената опрема, меѓутоа АРМ ќе продолжи да биде еден од гласните аргументи во полза на нашето членство во НАТО.

Во Брисел веќе почна дебатата за Самитот на 29 јуни. Според досегашните информации, членките не се едногласни за почеток на преговори со Македонија, посебно Франција, па и Белгија, Данска. Што може да се направи за овие неколку дена за да се убеди прво Франција, односно Макрон, бидејќи за зелено светло топката е кај него?

До последен ден ги повторуваме истите пораки, а тоа е дека не баравме и не очекуваме подарок, бараме ЕУ да го почитува она што го кажува како услови за почеток на преговори. Мислам дека дури и од Франција во ниеден момент не стигнаа коментари дека имаат дилеми околу напредокот на Македонија. Клучната дилема кај Франција е дали ова е момент за проширување на Унијата пред да се решат некои од дилемите меѓу земјите членки околу нивните внатрешни реформи. И тоа е дел од дебатата и преговорите меѓу Берлин и Париз.

Малите земји како Македонија понекогаш ќе се најдат пригмечени од големите теми што немаат врска со нив. Но и од дебатата во германскиот, па и во холандскиот парламент, јасно е дека и најголемите скептици ставија до знаење дека Македонија во делот на реформски перформанси, во делот на конкретни резултати, во овие 12 месеци не остави простор за дилема. И ние ќе продолжиме и во следните неколку дена да зборуваме, прво, дека ова што го бараме е заслужено, второ, дека одлуката за почеток на преговори не значи веднаш членство, кое би уплашило одредени француски кругови, и трето и најважно, дека она што ЕУ ќе го одлучи за Македонија ќе има позитивни или негативни реперкусии и врз целиот регион.

Мислите дека може Макрон да се убеди во тоа? Бидејќи реформите во ЕУ се едно, но ние направивме сѐ што се побара од нас и сега се појави кочница? Од друга страна, ова е прашање и за кредибилитетот на ЕУ.

Затоа велам ќе влијае и на тоа како Унијата се доживува и на нејзиното влијание во регионот.

Ова не е прашање само за нас и нашите соседи, ќе влијае и на Унијата. Една од причините зошто сакаме Македонија што поскоро да стане членка на НАТО и ЕУ е токму ова, да бидеме на масата на која се носат одлуките. Да бидеме тие што учествуваат во одлуката, а не да седиме пред врата и да чекаме дали ќе имаме среќа или пех. Тоа е судбината на малите држави – да зависат од сосема странични прашања врз кои немаат моќ. Колку подолго нашиот процес на приклучување се одложува, толку е послаба позицијата што Македонија ја има на меѓународен план. А тоа после ни влијае и дома. Десетте години што ги изгубивме ги искористија другите: Хрватска, Албанија, Црна Гора, Србија.

Не смееме да си дозволиме дополнително изгубено време. Секоја наредна рунда на проширување на ЕУ е потешка, покомплицирана и со поголеми резерви. Дури и кога сте најдобар.

Во моментот имаме многу причини да сме лути, да сме нервозни, во врска со ваквиот однос од некои земји членки, но тоа не се продуктивни емоции во политиката. Лутината и нервозата не помагаат. Она што може да ни помогне е акција, решителност, одлуки со кои се менува ситуацијата. Не потклекнување затоа што е тешко. Да не беше тешко, немаше да ја добиеме одговорноста да ја вадиме земјата од кал.

Легитимно е како аргумент да ја користиме и опасноста од евроскептицизам и недоверба кон ЕУ. Но, погрешно е само да се жалиме и плачеме. Тоа го правевме долго време, без резултат. Светот е отрпнат на тоа.

Во последната година имавме поинаков пристап: велиме не бараме специјален третман, но бараме фер третман. И не доаѓаме со празни раце, туку со реално променета ситуација во државата. Таа промена во државата донесе позитивни промени во ставовите во НАТО и во ЕУ.

Договорот за името ја помина ратификацијата во парламентот и уште го чека потписот од претседателот Иванов. Ако не го потпише ниту по враќањето на законот во парламентот по вторпат, како што веќе самиот најави, кои се наредните чекори, бидејќи од тој договор зависи сè понатаму?

Јас би сакала овие прашања да ги поставите таму каде што им е местото, на секој следен пат кога претседателот ќе ве викне на прес-конференција на која нема да одговори на ниедно прашање.

Мислам дека тоа покажува колку Иванов нема верба во тоа што го зборува и во тоа што го прави, затоа што сигурен човек нема потреба да бега од новинарски прашања што ја мачат и јавноста. Не би сакала мојата држава да се доведе до ситуација да се приспособува на систематско кршење на Уставот.

Важи правилото дека „ако влезеш во погрешен воз, нема вистинска станица на која можеш да излезеш”. Така и ние, ако влеземе во возот на Иванов дека тој може да го крши Уставот и дека целиот систем треба да се приспособува на него и на тоа кршење, и тој и секој нареден претседател ќе се претворат во самопрогласени диктатори.

Нашиот Устав е многу јасен по сите овие прашања и Иванов неколкупати веќе го крши. Иванов оди на картата на тоа да се прогласи за средновековен крал, кој, кога сака, ќе си ја земе законодавната функција во свои раце. Ни модерните монархии веќе не функционираат така.

Наша обврска е да размислуваме околу различни, законски, па и уставни инструменти што ни стојат на располагање. Но во моментот фокусот е на клучните интереси на нашата држава: да добиеме покана за членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Не бевме наивни и не ја потценивме оваа опасност, затоа во Договорот стои дека Грција ќе ги одблокира нашите ЕУ и НАТО интеграции веднаш по ратификација во македонскиот парламент.

Срамота е што цел свет станува свесен дека на претседателот на нашата држава кршењето на Уставот му станало навика.

Колку се сериозни најавите за импичмент на Иванов?

И тоа е еден од уставните, легални инструменти. Но повторувам – мора да знаеме кои се приоритетите и на нив целосно да им се посветиме. Најлошо е сите државни интереси да ги претвориме во колатерална штета на неуставното однесување на претседателот.

Иванов целиот изминат период повторуваше една иста мантра: Уставот на Република Македонија и волјата на нејзините граѓани. Го слушавме тоа како алиби за насилството од април лани, како алиби кога не ги потпишуваше законите, па и сега.

И замислете го сега политичкиот пресврт: кога на сите им е јасно дека одлуката околу Договорот со Грција и членството во ЕУ и НАТО ќе ја носат граѓаните на државата, на референдум, тој одеднаш им врти грб. Тој става вето не само на нашето членство во НАТО и ЕУ, туку и на шансата на граѓаните за тоа да одлучуваат. Иванов пречесто бараше референдум за сега да прави сè за да го избегне.

Ова покажува дека тој е свесен дека мнозинството македонски граѓани го поддржуваат Договорот со кој се гарантира македонскиот идентитет и јазик и се отвораат шансите за Македонија да стане нормална, стабилна и просперитетна држава. Да мислеше дека граѓаните се против, прв ќе бараше референдум.

Претседателот, кој постојано се повикуваше на граѓаните и на Уставот, денес е подготвен не само да ги злоупотреби, туку комплетно да ги игнорира.

Не мислите ли дека можеби го чека референдумот, па после да се изјасни, ако биде позитивен?

Во тој случај требаше да го потпише законот за ратификација. Токму во него јасно е дефинирана политичката волја и потреба од референдум, кој ќе ги отвори вратите за понатамошна собраниска процедура.

Ако имипчментот е една од опциите, како ќе стигнете до двотретинско мнозинство за тоа, а подоцна и за уставни измени и дали ќе може да се фати рокот за измените до крајот на годинава?

Пред да дебатираме и анализираме за која било процедура или детали од процедурата, фокусот ни е на успехот на овој процес, Договорот со Грција, покана за членство во НАТО, домашни реформи, почеток на преговори со ЕУ. Сѐ друго е второстепено.

Уставните измени не се второстепени…

Тоа го мислев кога кажав Договорот со Грција. Уставната постапка не е причинско-последователно врзана со Иванов.

Двотретинското мнозинство е тоа што ги поврзува и уставните измени и импичментот за Иванов…

Ќе ги водиме овие процеси имајќи предвид што е поважно.

Како ќе стигнете до двотретинско мнозинство?

Двотретинското мнозинство за уставните промени го очекуваме по позитивната одлука на референдумот. Ние веќе кажавме дека ќе ја почитуваме мнозинската волја на граѓаните. Очекуваме тоа да го стори и опозицијата, која сиве овие години ветуваше референдумско изјаснување.

Референдумот за Договорот ќе биде првиот тест. Подготвувате ли веќе, како влада, кампања за граѓаните и што е, според Вас, најголемата опасност референдумот да не успее?

Сите што настапуваат со одредени позиции, за или против, се повикуваат на волјата на граѓаните и сите велат граѓаните стојат зад мојот став. Ако граѓаните стојат зад ставовите и на едните и на другите, тогаш референдумот не може да не успее. Референдумот може да каже „да” за Договорот, за ЕУ и НАТО, или „не”.

Како влада ќе се фокусираме на суштината. Зборуваме и ќе зборуваме отворено за придобивките, за идентитетските гаранции, за ризиците во случај на неуспех на нашите интеграции. Можете и самите да видите. Постојано сме им на располагање на граѓаните и медиумите секогаш кога имаат дилеми. Немаше ниту една покана за дебата што претставници на парламентарното мнозинство ја одбија. За разлика од опозицијата, којашто редовно ја нема. Она што очекуваме е дека мнозинството граѓани ќе се изјаснат дека сакаат Македонија да биде нормална, стабилна, просперитетна земја, членка на ЕУ и НАТО.

Кога зборувате за опозицијата, очекувате ли ВМРО-ДПМНЕ да го повика членството да излезе на референдум или пак, можеби ќе бојкотираат?

Претседателот на нивната партија излезе и кажа дека ќе гласа на референдумот. Ако сега ретерира, тоа е друга работа. Но тоа е изјава на првиот човек на опозицијата и неа ја сметаме за релевантна. Многу ќе им биде тешко по секојдневно повикување на ставот и мислењето на граѓаните, сега да бегаат од нивно изјаснување.

Опозицијата во критиките на Договорот постојано ги споменува топонимите и комисијата за учебниците по историја…

И едната и другата одредба во Договорот се комплетно, целосно и неповратно симетрични. Тоа значи дека секое правило што ќе се почитува во Македонија од страна на Грција, ќе се почитува и во Грција од страна на Македонија. Овие правила кај топонимите често се користат како стандард во меѓународните односи. Како што и ние не сакаме Скопје некој да го преименува како Ушкуп или Шкупи, така и Грците очекуваат нивните градови да се ословуваат со постојните топоними. Тоа не значи само различно именување на Лерин на пример, туку и дека Битола нема да биде Монастири, туку Битола.

Во поглед на учебниците, и тука имаме целосно симетричен договор, двете држави ќе разговараат на тема на историските учебници и ќе се трудиме да не создаваат непријателство и недоверба. Но за тоа ќе разговараат и ќе одлучуваат историчарите. Дали тоа значи дека Грците треба да се плашат дека ние во Македонија ќе им ги пишуваме учебниците по историја? Не. Но за некои прашања ќе треба младите генерации да ги воспитуваме повеќе во духот на разбирањето отколку на конфронтациите. Ништо повеќе од тоа.

Ве обвинуваат и Вас и премиерот Заев и министерот Димитров за предавство, кога зборуваме за Договорот. Како се чувствувате кога ги слушате тие обвинувања, објаснувате ли дека не сте виновни за предавство или ги игнорирате?

Да имате 11 години власт, да не направите ништо за поместување на земјата кон стратегиските приоритети, туку да ги изолирате сопствената држава и народ, манипулирајќи со националните чувства, тоа е предавство. За само една година да најдете решение за најтешкото прашање со целосна гаранција за македонскиот идентитет, да го отворите патот кон ЕУ и НАТО по цела деценија изолација, тоа е патриотизам. Оваа шанса за Македонија нашиот народ ја препознава и убедена сум дека ќе ја потврди на референдумот.

Владетелите со неколку резервни пасоши и татковини и криминалците со банкарски сметки во сите рајски острови не можат да држат лекции за патриотизам.

Слично беше и со Договорот за добрососедство со Бугарија. Се сеќавате дека опозицијата и Иванов го напаѓаше со исти зборови, со исти обвинувања.

Нецела година подоцна, ја сменија плочата. Видоа дека не можат да ја негираат реалноста: билатералните односи со Бугарија никогаш не биле поинтензивни, трговската размена постојано расте, Бугарија покажа голема соседска солидарност и во текот на претседателствувањето со ЕУ фокусот го стави токму на Балканот и на Македонија, ги прославуваме заедно празниците и си ги почитуваме разликите. Македонија и Бугарија станаа стопроцентни добитници. Но вистинските лидери ги носат храбро одлуките и знаат што ќе се случи. Слабите чекаат и критикуваат, а потоа молчешкум се повлекуваат од тешките зборови и неаргументирани напади. Така сега е многу интересно кога Иванов говори за придобивките на овој договор. Подобро подоцна отколку никогаш.

Тоа е разликата и меѓу партиите што се грижат за својот мандат и партиите што се грижат за својата држава.

Убедена сум дека овој договор ќе го положи тестот на времето и ќе биде плус не само за нашето членство во ЕУ и НАТО, туку и за заштитата на македонскиот идентитет во Грција и во светот.

Дел од луѓето, сега стимулирани да го напаѓаат договорот од страна на поранешниот премиер Никола Груевски, изгледа не го следеле внимателно неговиот фејсбук-профил. Имено, тој пред само шест месеци ни тврдеше дека Грците никогаш нема да дозволат договор во кој стои македонско државјанство, македонски јазик, македонски идентитет. Најавуваше дека ќе биде склучен договор во кој овие формулации нема да постојат. Тврдеше, најавуваше, гарантираше… и сè погреши!

Се покажа дека ја поправивме грешката од преговорите што тој ги водел на тој начин. Како и во последниве 15 години – Груевски ги критикува сите за она што тој го прави. Во стилот „Те напаѓам тебе бидејќи се знам себеси“.
Реално, тој преговарал за додавка во името на државата, но во исто време не успевал никогаш во договорот да добие ниту македонски јазик (со превод на сите јазици), ниту македонско државјанство, ниту прифаќање на македонскиот идентитет. И сега во ситуација кога ние тоа го вметнуваме во договорот, од истите луѓе да добивате критики…

Тој аргументира дека никогаш не се согласил на ерга омнес…

Во говорите на Груевски во нашето Собрание тој говореше за ерга омнес. Ако планирал да „тргува“ со тоа, тогаш цената била македонскиот идентитет да исчезне од договорот.

Отворено тврдам дека првиот и најважен интерес на Македонија во преговорите со Грција беше и остана да се зацементира македонскиот идентитет. Да добиеме практично ерга омнес на нашиот идентитет. И тоа го добивме.

Тоа е најважно.

Постои ли опасност овие протести против Договорот што се одржуваат пред Собрание да прераснат во нешто поголемо?

Владата имаше „волтеровски” принцип дека ќе го брани и ќе го гарантира правото на сите да протестираат и кога не се согласува со нив. И така е.

Во исто време, тоа значи дека Владата не смее да дозволи правото на протест да значи право за насилство.

Секој има право да протестира, никој нема право да си ја присвојува придавката народ. Тоа звучи лажно, како сликите на прилично возрасни луѓе опремени со транспаренти под името „млади”.

Како ќе ја коментирате изјавата на рускиот постојан претставник во ЕУ, Чижов, дека членството на Македонија во НАТО ќе биде грешка со последици?

Нема потреба да коментираме. Нашите ставови се конзистентни: работиме и сакаме добри односи со сите, вклучително и со Русија. Но стратегиските одлуки за иднината на Македонија ги носиме во согласност со ставот на огромното мнозинство македонски граѓани од моментот на нашата независност до денес, а тоа е членство во ЕУ и во НАТО. Тие одлуки не се од вчера и никој не може да биде изненаден. За нив сме презеле обврска пред нашите граѓани и таа обврска, чекор по чекор, ја исполнуваме.

Македонското малцинство во Грција преку соопштение на Виножито се изјасни дека Договорот е лош. Сте размислувале ли за тоа како ќе можат да се борат за нивните права таму?

Мислам дека директните последици од Договорот, а тоа е правата за имоти и слично, едно со друго не се поврзани.

Се сеќавам на една иницијатива од поранешната влада кога многу помпезно најавија дека сега ќе му дадат голема поддршка на македонското малцинство во Грција по ветото во Букурешт.

Еве, поминаа десет години без ваков Договор и со силна поддршка на македонската влада што успеа ваквата кампања да им помогне на Македонците во Грција.

Тоа што го правеше Груевски беше злоупотребување и тргување со емоциите.

Ние тоа не го правиме. Меѓутоа, не постои ниту еден член на Договорот што им ги намалува нивните права, затоа што правата на сопственост, човековите права, се стандард што произлегува од обврските на секоја од државите како членка на ЕУ, на ОБСЕ, на Совет на Европа, и нема никаква врска со меѓудржавните договори. Не е можно никаков договор меѓу две држави да одземе човекови или граѓански права на едната или на другата страна од границата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail