Радмила Шекеринска: Изборите се тест за нашата зрелост

Изборите во април се тест за зрелоста на општеството, вели министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во интервју за БИРН

Автор: Синиша Јаков Марушиќ

Објавено на 26 февруари 2020

Министерката Шекеринска, во интервју за БИРН говори за претстојното полноправно членство во НАТО, за предизвиците против хибридни и сајбер-напади, како и за амбициозниот план за модернизација на армијата.

Шекеринска прифаќа критики на контото на владата, но инсистира дека земјата е на добар пат кон демократизација и подобра иднина.

Предупредува дека изборите во април ќе бидат клучен тест за зрелоста на земјава, тест кој, или ќе осигури продолжување на реформите и на евроатлантскиот пат, или ќе нѐ стави во ризик од уште еден долг период на назадување.

Мора да бидеме амбициозни

„Кога ја поткрепуваме нашата амбиција со политичка волја, следува успех“

Од земја што беше на листата на отпишаните, до полноправно членство во НАТО и пред очекуван почеток на преговори за ЕУ, Шекеринска вели дека малите земји како нашата мораат да бидат амбициозни за да ги остварат своите цели.

„Ако ги анализирам последните, да речеме, 20 години, би рекла дека секогаш кога сме амбициозни и кога ја поткрепуваме нашата амбиција со политичка волја, следува успех“.

Присетувајќи се на 2005 година, кога Европскиот совет ни го додели статусот на земја-кандидат за членство, Шекеринска, која тогаш беше заменик-премиер задолжен за европски прашања, вели дека и тоа било резултат на амбициозноста.

„Успеавме. Но, кога ја снема политичката волја“, по победата на Никола Груевски на изборите во 2006, „следеше практичен застој“.

„Мислам дека со НАТО покажавме дека важи истото правило. Почнавме со амбициозен план и очекувања, но не очекувавме другите да ни ја завршат работата. Сами си ја подигнавме летвичката и испорачавме. Затоа и НАТО испорача.

За мала земја, земја која назадувала, која попусто изгубила толку многу време, „или сте амбициозни, или сте неуспешни“, вели Шекеринска.

По изгласувањето на законот за одбрана и завршувањето на законскиот дел, Шекеринска вели дека сега амбицијата е фокусирана кон опремување на армијата, особено кон набавка на модерни оклопни возила за лесните механизирани пешадиски единици, кои и ние, како и НАТО, сме ги зацртале како приоритет.

„Повеќето наши војници што одат на мисии во странство се дел од механизмот за заштита на единиците, а нашите возила, кои не се соодветни и не нудат соодветна заштита, во суштина остануваат дома“, вели Шекеринска.

Според новиот план за модернизација, до 2024 земјава планира да ги достигне НАТО стандардите за техничка опременост. Минатата година, нашата и американската влада потпишаа договор за модернизација, со кој се планира набавка на над 150 нови оклопни возила што ќе ги заменат дотраените транспортери од советско производство, кои не нудат доволна заштита на модерните боишта, особено против мини и рачни ракетни фрлачи.

„Тоа беше главната слабост и ние веќе ја адресиравме. Веќе ја уплативме првата годишна рата (кон крајот на 2019). Очекувам првите возила да пристигнат во 2021 година“.

Шекеринска верува дека меѓувладините договори се „многу побезбеден, подобар и потранспарентен начин за модернизација на армијата“, за разлика од комерцијалните договори, кои често се пропратени со сомнежи за корупција и скриени интереси.

Безбедносни предизвици и сајбер-напади

„Како нова (НАТО) членка, нас ќе нѐ оценуваат според уште повисоки стандарди“

Министерката вели дека, како дел од подготовките за НАТО, драстично е намален бројот на лица што ќе имаат безбедносни сертификати и допир со сензитивните информации што Алијансата ги споделува меѓу себе.

„Пораката од сите НАТО министерски средби, кога дебатираме за споделувањето информации, безбедноста на комуникациите и особено разузнавањето, е дека сите мора да направиме повеќе. Секако, како нова членка, нас ќе нѐ оценуваат според уште повисоки стандарди бидејќи мораат да се осигураат дека нема да бидеме слабата алка. Тоа се подразбира“.

Шекеринска вели дека споредено со некои други земји, особено со земјите од поранешниот Варшавски пакт, главниот предизвик за нас нема да биде справувањето со таканаречените стари структури.

„Верувам дека предизвиците се релативно нови и дека тие се поврзани со прашања, како што се хибридното војување, сајбер-нападите, врски кои може да бидат идеолошки или финансиски, како и злоупотреби што може да произлезат од политички, идеолошки или од финансиски причини“.

„Поделбата не е меѓу нови и стари структури во армијата. Вистинската линија на поделба е меѓу тие што го почитуваат изборот што го направила земјата, ги почитуваат своите професионални задачи и обврски и тие што ги злоупотребуваат“, вели Шекеринска.

Одговарајќи на прашање поврзано со стравот од руско мешање на претстојните избори, како и на заканите од сајбер-напади, министерката вели дека вистинското прашање не е дали земјата ќе биде мета на такви напади, туку како ќе се справи со нив.

„Нашите институции не се претерано силни. Ние си имаме свои слабости и токму тие слабости се мета на хибридни и сајбер-напади. Затоа и понекогаш успеваат затоа што тие ги откриваат нашите внатрешни поделби и недостатоци“, вели министерката.

„Но, јас верувам дека членството во НАТО ќе ни обезбеди повеќе инструменти, повеќе информации, како и различни искуства како да се справиме со нив“.

Судството бара уште работа

„Ако не се мешате, виновни сте за статус кво ситуацијата. Ако се мешате, ќе завршите како нов Груевски“

На домашен терен, Шекеринска вели дека, како граѓанин, не е задоволна од темпото на реформи во правосудниот систем и од владеењето на правото.

„Не можам да бидам задоволна кога гледам како судии или судскиот систем ги претвора случаите во бескрајна приказна од одложувања и ги користи застарувањата почесто од тоа што носи пресуди, дури и да се ослободителни“.

Шекеринска вели дека владата навистина се труди да не се меша во работата на судството за да не се претвори во уште една верзија на Груевски. Наместо тоа, таа вели дека владата преку донесување закони се труди да ја ограничи можноста од политичко мешање и злоупотреби, за да му овозможи на судството да се реформира однатре.

„Ако не се мешате, виновни сте за статус кво ситуацијата. Ако се мешате, ќе завршите како нов Груевски“.

„Ние навистина се обидовме да одиме по многу тесната линија, која значи да не се мешаме во судството, но да се трудиме да создадеме услови во кои судството ќе си ја работи својата работа. Мислам дека работата сѐ уште не е завршена“, вели Шекеринска.

„Воведовме два степена на подобрување во можноста за внатрешен ветинг во рамките на судството. Првиот е можноста, Антикорупциската комисија да го проверува имотот на политичарите, но и на луѓето во судството, и да го провери, не само декларираниот имот, туку и неговото потекло. Вториот е судскиот совет, кој може да ја проверува работата на судиите и да проценува дали работеле во името на правдата“.

„Верувам дека новите закони, особено законот за обвинителство, за судски совет и за судски постапки, заедно со неформалниот ветинг, како и ЕУ мониторингот на важните корупциски случаи, се трите патеки по кои можеме да стигнеме до подобро судство“, вели Шекеринска.

Шекеринска верува дека изборите во април се момент на вистината, во кој општеството ќе се соочи со клучен тест на зрелост.

Вели дека се соочуваме со сличен избор како во 2006 година, кога изборната победа на Груевски и авторитарните практики што ги воведе тој, практично ги поништија сите претходни успеси на евроатлантскиот пат.

„Тогаш ми го поставуваа истото прашање – што ако победи другата партија? Можеби тогаш бев преголем оптимист, но јас велев – не гледам опасност бидејќи никој не би бил луд да смени нешто што функционира“, се сеќава Шекеринска.

„Затоа овојпат не сум наивна и велам дека многу што е во залог на овие избори“. Убедена дека гласачите ќе го направат вистинскиот избор, Шекеринска прашува „Дали сакаме да изгубиме уште една деценија?“

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail