Шекеринска: Ќе поддржиме дополнителни рестрикции кога ќе мора, имаме договор за снабдување со вакцини а приоритет ќе бидат најранливите

Интервју на министерката за одбрана Радмила Шекеринска за Слободна ТВ – 19.11.2020г

Прашањата на домашен план во борбата со Ковид 19 пандемијата како и политичката одлука на Бугарија да стави вето на отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија се главните прашања на кои министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска одговараше во Утрински брифинг.

Во поглед на пандемијата, Шекеринска вели, здравствениот систем е приоритет на Владата, а кога се работи за Бугарија, ветото во ЕУ смета дека е пораз и за Македонија и за ЕУ и за Бугарија.

„Владата после изборите покажа дека подеднакво води сметка за здравјето но се труди да го минимизира притисокот и врз економијата, работните места и правата на граѓаните. Строгите мерки ќе ги применуваме тогаш кога мораме. Затоа сега одевме на ширење на капацитетите, но притисокот врз здравството во моментов е навистина голем. И на последните седници на Влада дискутиравме за дополнителни рестрикции. По две недели од одлуката за задолжително носење маска на отворено, сега треба да ги видиме ефектите. Ако здравствените авторитети сметаат дека треба да се оди на одредени рестрикции, ќе ги поддржиме. Празниците ќе бидат сериозен предизвик, поради навиките. Секојдневно се следи ситуацијата и навистина сметам дека здравствениот систем во моментов е приоритет“, изјави Шекеринска.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail