Шекеринска – „Рекет“ покажа дека никој не е над законот

новинар: Мирјана Спасовска

https://www.slobodnaevropa.mk/a/шекеринска—рекет-покажа-дека-никој-не-е-над-законот/30382999.html

Не го креваме веќе телефонот на судии и на обвинители да им кажеме што да прават. И пораката од почетокот на владата беше иста – За секој мора да важи законот. Случајот Рекет и сите истраги поврзани со тоа покажаа дека навистина никој не е над законот, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Министерке, Шпанија наскоро треба да го ратификува протоколот за членство во НАТО, а потоа тоа треба да се случи и во македонскиот Парламент. Може ли да биде проблем за идното членство во НАТО тоа што од една страна ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија дека ќе ја поддржат ратификацијата на протоколот, но нема да гласаат за измените на Законот за одбрана со кој се предвидува промена на името на Армијата во Армија на Северна Македонија, а за чие усвојување е потребно двотретинско мнозинство?

Прво и многу директно, тоа не е точно и ВМРО-ДПМНЕ ја лаже и нашата јавност и ја лаже и јавноста надвор од државата и лошо е за една држава која сака да влезе во Алијансата да покаже дека една од големите политички партии најбезобразно не ја говори вистината. Репутацијата на мала држава како нашата тешко се гради и многу лесно се руши. И тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прави во моментот и со Законот за одбрана е нивното класично однесување по стратешките приоритети во последните години, а тоа да ги говори ЕУ и НАТО многу често, ама со секоја своја одлука и акција да се труди да ги спречи процесите. На ВМРО-ДПМНЕ не му беше тешко да гласа за своите двајца министри во техничката влада како министри на Република Северна Македонија и не им беше тешко на тие двајца министри да се потпишат на свечената изјава, а сега кога треба да се потврди нашето членство во НАТО со Законот за одбрана измислуваат лаги и се трудат да го спречат. Мислам дека најавата дека ќе гласаат за Законот за ратификација е само зашто знаат дека и без нивните гласови Законот за ратификацијата ќе помине и знаат дека јавноста ќе ги казни многу сериозно ако не го дадат својот глас за историскиот чекор што го прави државата. Но, за Законот за одбрана каде што е потребно двотретинско мнозинство сакаат да ја играат играта – Ќе глумиме дека сме за НАТО, а ќе правиме сè да го спречиме членството. Сигурна сум дека тоа нема да им успее и Законот за ратификација и за одбрана е во Парламентот. Целта на законот не е да дефинира име на армијата, тоа не е прашање кое законот треба да го реши. Целта на Законот за одбрана е да ни даде законска можност ако ни треба НАТО за заштита на нашата безбедност да може да ја побараме и да ја добиеме таа заштита. Ако на НАТО му треба нашата поддршка да можеме и ние да ја дадеме. Блокирањето на овој закон покажува дека ВМРО-ДПМНЕ сè уште се труди државава да ни ја замрзне во сива зона во која ќе и бидат ставени под знак на прашање и безбедноста и сигурноста и членството во НАТО, и навистина е срамота како еден историски успех кој треба да биде наш заеднички историски успех да се трудат да го одложат или да го оневозможат.

Дали измените во Законот се во согласност со Преспанскиот договор?

Измената на законот се однесува на сто други прашања кои се врзани за одбраната и за НАТО. Но, како секој закон којшто влезе во собраниска процедура во последната година и овој закон го почитува Уставот. И тој не е во согласност со Преспанскиот договор, тој пред сè е во согласност со Уставот. Реков двајцата министри си потпишаа изјави дека се министри на Северна Македонија. Не може за таков ситен партиски интерес да го прифаќаат и Преспанскиот договор и уставните измени, а за приоритет број еден во државата наеднаш да најдат дека тоа им смета. ВМРО-ДПМНЕ мислам дека гласаше и за Законот за минимална плата и таму стои нашата уставната одредба, но премногу политика, премногу лични, премногу партиски интереси само за да спречат нешто што би требало да е наш заеднички државен успех.

Кога е реално земјава да стане полноправна членка на НАТО?

Слушнавме позитивни вести од Мадрид. Нашето членство е де факто и тоа се виде на лидерскиот состанок во Лондон, меѓутоа за да биде де јуре треба да ја поминеме последната пречка, а тоа е шпанската ратификација, најпосле таму има коалициона влада, веќе министрите ги дадоа своите свечени изјави. Очекуваме следната недела да почне парламентарната процедура. Прашање е на недели. Ние не можеме да го диктираме парламентарниот календар на Шпанија, но сигурна сум, а тоа го добивме и како уверување од страна на Шпанија, дека прашањето ќе се разгледува како прашање на приоритет. Јас очекувам во следните неколку недели и нашето Собрание да ја гласа ратификацијата, а ќе почекаме до депонирање на нашиот ратификуван протокол и договор сè додека Шпанија не го ратификува нивниот дел од задачата.

Има ли барање земјава да испрати свои војници во Ирак?

Ние веќе сме имале војници во Ирак и тоа прилично големи контингенти, потоа акцентот повеќе беше ставен на Авганистан, меѓутоа во последниот период имаше заедничка иницијатива на земјите од Јадранска група да испратиме еден до двајца офицери во тренинг мисиите во Ирак. Сега заради тоа што и таму состојбата е непредвидлива, сè уште не се знае каков ќе бие мандатот на НАТО мисијата, сè е ставено малку на чекање. Меѓутоа генерално нашиот интерес како Армија, на офицерите и на подофицерите е да се зголеми нашето учеството во меѓународни операции, особено откако ги зголемивме и надоместоците за учество во мисија. Вие знаете дека постојано се зборувало дека војниците навистина сакаат да заминат во мисија, тоа им е шанса да решат економски, социјални проблеми, но од друга страна е и огромна шанса за искуство. Во овој момент сè уште анализираме како ќе се развива состојбата, но одамна веќе нашата армија покажала подготвеност да испрати офицери и подофицери во делот на обуката, бидејќи мисијата во Ирак не е мисија на одржување на мирот, туку е мисија за поддршка на ирачките власти за гарантирање на нивната безбедност. Сè уште е во тек дискусијата меѓу НАТО и Ирак дали оваа мисија ќе продолжи и во каква форма.

Како го коментирате барањето на ВМРО-ДПМНЕ Јавното обвинителство да ја прошири истрагата за случајот Рекет и да испита дали има поврзаност и да испита дали има поврзаност на врвот на СДСМ, односно на Заев, Ваша и на други лица, со оваа афера?

Барањата на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се насочени кон правда, туку секогаш се насочени кон лаги, дезинформации и бегство од одговорност. Приказната или нивните реакции врзани за овој случај е ишкање на мувата за да не видиме колку државата се променила во овие две ипол години. Јас ќе ви кажам еден обичен пример за кој информираа невладините организации коишто ги следат различните предмети во судството. Ако ги анализирате предметите со таканаречените бомби ќе видите дека првиот случај за кој требаше 1 година и половина за да влезе во судска постапка веќе три години е заглавен во судски лавиринти. И овие денови врз основа на она што се случува во случајот „ТНТ“, гледаме како тоа го прават. Прво се бега од рочишта, потоа се бара одлагање на рочиштата, потоа се менуваат адвокати, па луѓето коишто зборуваа против употребата на албански јазик, наеднаш ангажираат адвокати кои бараат сè да им се преведе на албански јазик. И според анализите на една од невладините организации 60 проценти од сите рочишта врзани за бомбите се одлагаат, затоа четири години подоцна сè уште овие предмети тапкаат во место без крај. Е сега ако го споредите тоа со процесот којшто се случуваше, а врзан со „Рекет“, ќе видите дека разликата е огромна. За нецели шест месеци имавме од наоди во јавност, истрага, предистрага, обвинителен акт, неколкумина во притвор и рочишта коишто се случуваат по неколку во неделата. Знаете зошто? Заради тоа што никој од владата, од владејачкото мнозинство или од политичарите не диктира веќе пресуди. Не го креваме веќе телефонот на судии и на обвинители да им кажеме што да прават. И пораката од почетокот на владата беше иста – За секој мора да важи законот. Никој не е над законот и случајот „Рекет“ и сите истраги поврзани со тоа покажаа дека навистина никој не е над законот. Она што го прави ВМРО-ДПМНЕ е да не натера да не гледаме како сега и во функција на опозиција се трудат да ја опструираат правдата.

ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција исто така побара Јавното обвинителство да испита што сте барале Вие во домот на Бојан Јовановски.

Јавното обвинителство може да истружува сè и во ниеден момент никој од нас не се обиде тоа да го спречи. Инаку, ако земеме список кој сè бил кај не само криминалецот, туку и кај бегалецот Груевски, ВМРО-ДПМНЕ треба да ја затвори партијата.

 

Целото интервју со вицепремирката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска може да го погледнете на видео снимката

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail