Шекеринска: Главната НАТО придобивка е влијанието при носење одлуки и имиџот на одговорна држава

Во пресрет на гласањето на Шпанија за протоколот за пристапување во НАТО на Северна Македонија, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во интервју за „Порталб.мк“, зборува за придобивките од пристапувањето во најголемата политичко-воена алијанса во светот.

Според Шекеринска, главната придобивка е влијанието што ќе го добиваме при носење одлуки, така што сериозни и многу влијателни земји, ќе не гледаат како некој кој е на масата, кој носи одлуки. Според министерката, полесно ќе не гледаат и како иден партнер во европски контекст. НАТО членството ќе ни дава и силен ЕУ ветер во грб.

Кои се најавите од Шпанија, кога се очекува да го потпишат Протоколот за пристапувањето на Северна Македонија во НАТО?

Најавите на Шпанија се дека целиот процес, кој подразбира неколкукратно гласање кај нив, ќе заврши во текот на март. Меѓутоа она што е важно е дека ние функционираме како де факто земја членка. Но сепак, сите посакуваме процесот и формално да се заокружи и заради тоа рековме дека е навистина прашање на денови до нашето полноправно членство. Очекуваме брзо да заврши и целата процедура на ратификација, веднаш по депонирањето од нивна и од наша страна, за да може час поскоро нашето знаме да биде официјално помеѓу триесетте знамиња на членките на најмоќната воено-политичка алијанса во светот.

После ќе има официјално потпишување?

Нема веќе потпишување. Потпишувањето се случи минатата година. Сите земји членки го потпишаа Протоколот за нашето пристапување. Ние го ратификувавме Северноатлантскиот договор, тој договор веднаш по шпанската ратификацијата, ќе го доставиме и депонираме во Вашингтон. Од тој момент практично ние сме членка и тоа ќе се одбележи со дигање на нашето знаме пред седиштето на НАТО во Брисел но и пред сите воени команди и штабови на Алијансата. Тоа ќе биде симболичното претставување на почетокот на нашето членство.

Кажавте дека веќе функционираме како земја членка во НАТО, што значи ова во практика?

Тоа значи дека на секој од состаноците на Северноатлантската Алијанса ние сме присутни на масата, имаме право на збор, и целосно ги уживаме истите права како сите членки. Единственото што во тој дел ќе се промени после членството е нашето место на седење, од местото до САД ќе дојдеме помеѓу Холандија и Норвешка. Точно е дека од моментот на членство, го добиваме и формалното право на глас, меѓутоа обично најголемиот дел од работите во НАТО се усогласени пред да дојде до гласање.

За што обично се гласа во НАТО?

За секоја од одлуките: почеток на одредена мисија, формирање на нови штабови, на нови команди, плановите за одбрана, на пример плановите за одбрана на северот на НАТО поминуваа низ процедура која што не беше на молчење туку на усогласување. Имаше одредени разлики и се додека тие не се расчистија, плановите за одбрана не се усвоија. Ние ќе го имаме истото право да поддржиме или дури и да блокираме одредена одлука.

Кој е задолжен во Северна Македонија да одлучува за одлуките во НАТО?

Во принцип нашата мисија ќе ги соопштува нашите ставови кои што на ниво на Влада по одредени прашања ќе треба да ги носиме, а по одредени теми Министерството за надворешни и Министерството за одбрана ќе усогласуваат позиции. Со почетокот на нашето членство ние целосно ќе го регулираме тоа прашање по однос и во мисијата и во поглед на внатрешната координација на ставови во државата. Тоа ќе биде добра вежба и искуство за координацијата за идните ЕУ одлуки бидејќи мора да бидете брзи. Не е само да донесете одлука, туку и на време да реагирате. Ако тоа не го направите брзо, НАТО ќе смета дека се согласувате со одредена одлука.

Кои се идните предизвици што нè чекаат како членка? Дали некако ќе стане потешко за Северна Македонија?

Логиката на нашето членство во НАТО е да ни биде подобро. Тоа значи дека нема да го слушаме ехото на одлуките на НАТО за да дознаеме кон што се движи западниот свет. Ќе бидеме на иста маса и ќе гледаме како се развиваат одредени состојби и ќе бидеме поподготвени да се справиме со нив. Состојбата во Блискиот Исток влијае и кај нас. Не можеме да се изолираме и како дел од југоисточното крило на НАТО ние сме биле и дел од процесите кои што ја доведуваат во прашање и стабилноста на Европа. Многу е подобро за овие предизвици да бидете подготвени навреме.
НАТО е сериозно присутно во нашиот регион преку КФОР мисијата. Зошто да дознаваме индиректно за плановите на НАТО за нешто што се случува  50-тина километри до нас? Ние сме заинтересирани да се загарантира безбедноста на нашите граници и кон нашите соседи и секој пат ја користиме можноста да ја истакнеме важноста на оваа мисија. Јас се надевам дека кон крајот на годината освен логистичката поддршка што ја даваме ќе можеме да испратиме луѓе и во КФОР за да дадеме со нашето искуство и знаење конкретен придонес во стабилноста на нашиот регион.

Но, главната придобивка е влијанието кое го добивате при носење одлуки. Сериозни и многу влијателни земји ве гледаат како некој кој е на масата, кој носи одлуки. Можете да создадете и развиете имиџ на држава на која можат да сметаат, која е одговорна, која држи до кажаното и која придонесува – таков е впрочем впечатокот кој го создадовме во овие 2 години. Затоа, полесно ќе не гледаат и како иден партнер во европски контекст. НАТО членството ни дава и силен ЕУ ветер во грб.

Дали ќе се зголеми бројот на мисии и на луѓе во мисиите?

Членството во НАТО не дефинира повисоки обврски, но ние во нашиот буџет обезбедивме финансиски средства и за зголемување на нашето учество во меѓународни операции.  Учеството во меѓународни операции е најдобра шанса да градиме поголеми капацитети и да се држи во готовност нашата Армија. Исто така, мисиите се шанса за припадниците на Армијата да напредуваат и професионално но и финансиски. Во Армијата секогаш има висок интерес за учество во операции во странство, особено од минатата година кога ги зголемивме надоместоците за учество за дополнителни 500 до 700 евра за војниците и подофицерите.

Ќе може да ни кажете две-три најголеми придобивки од Законот за одбрана кој се носеше пред да се распушти Собранието?

Ќе споменам две главни придобивки. Првата е дека ги дефиниравме сите чекори како Република Северна Македонија може да го активира механизмот на колективна одбрана на НАТО. Тоа значи дека тоа што сме членка ни дава шанса сите да ни помогнат во случај на криза. Во Законот дефиниравме точно кој ќе ја носи одлуката, што предлага Владата, каква одлука носи Собранието. Втора најголема придобивка е што дефинитивно го дефинираме системот  за испраќање во мисии, операции и командите на НАТО на воени лица но исто така и на цивилни лица, службеници од Министерството за одбрана. Тие се потребни во секоја мисија, а досега не можеа да го регулираат својот статус.

Колку проценти од буџетот на РСМ треба да се издвојат годишно за одбрана?

Во 2007 година, Македонија за одбраната веќе трошела 2,17 проценти од БДП. Тоа значи дека не е тој износ нешто што произлегува само од нашето членство во НАТО, туку од потребата да имаме Армија што ќе биде опремена, ефикасна и ценета. За жал, во текот на десетте години беше видлива политиката да се маргинализира комплетно Армијата на сметка на развивање на полициските структури. Тоа доведе до буџет од 0,9 проценти од БДП.
За разлика од тој период ние буџетирањето во одбраната го гледаме како инвестиција во своите луѓе и институции, а не само обврска од НАТО. Затоа уште во 2017-та година ги дефиниравме нашите буџетски планови, секоја година да расте буџетот за 0,2 процентни поени и сега сме на 1,4 проценти од БДП што е во апсолутни бројки дуплирање на буџетот со кој почнавме. Тоа ни даде услови да се зголемат платите во одбраната и да се подобрат условите. Тоа не се пари кои ги носиме во НАТО, туку ги вложуваме во своите капацитети. Целта ни е до 2024 година буџетот да стигне до 2 посто од БДП.

Дали ќе се зголемат и платите?

Платите на сите воени лица во армијата веќе се зголемија 16 проценти, а од март месец, со исплатата на станарината ќе се зголемат уште повеќе. На пример професионален војник кој во минатиот период земал 20.000 денари плата, од март заедно со надоместот за станарина ќе зема над 30.000 денари што е зголемување повисоко од 50 проценти! Во делот на цивилните лица во Армијата кои долги години имале срамно ниски плати, кај нив со Законот за служба зголемувањето на платите е над 25 проценти.

Дали сега Армијата има подобри услови, кога сме на чекор до НАТО?

Се сеќавам првпат кога влегов во Министерството, сите што влегоа во мојата канцеларија рекоа дека има два проблеми и барем тие да ги решиме: униформа и чизми. Денеска секој пат кога ќе се пофалам дека сме ги решиле овие проблеми, мене ми е непријатно што тоа го спомнувам, оти ова би требало да е систем кој што функционира сам по себе. Но не функционирал цели 11 години. И сега за 2,5 години ги решивме проблемите кои се „трупале“ 11 години. Освен тие, ги решивме проблемот на гуми и акумулатори и за прв пат почнавме да вложуваме и во делови кои се невидливи, на пример за спортска опрема, бидејќи од војниците бараме да бидат физички спремни и ги проверуваме секоја година. Новата спортска опрема почна да пристигнува и оваа седмица веќе се распределува според планот. До крајот на годината очекувам сите војници да имаат нова спортска опрема. Набавивме и воена опрема. Првиот договор со САД за 33 оклопни возила беше завршен минатата година и продолжуваме секоја година да ги зголемуваме бројките. Во делот на поддршка од Армијата кон граѓаните успеавме после 16 години да набавиме инженериски машини кои се нивен главен алат за да помагаат. Сега фокусот е опремување на нашата пешадија и опремување на сигурни комуникациски и информатички врски и елементите на сајбер одбраната. По неколку години ќе се модернизираат и хеликоптерските единици.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail