Интервју со Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ активно работи да го одложи, спречи или комплицира членството во НАТО

Законот за одбрана го чека ветеното дво-третинско мнозинство, бидејќи ниту една партија немаше забелешки за истиот, но и бидејќи сите парламентарни партии како приоритет во своите програми го имаат влезот во НАТО, вели во интервју за Стандард вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

Таа додава дека во Собранието не стигнал предлог-закон за одбрана од опозицијата, од каде во јавноста излегоа со информации дека поднеле законско решение без членот во кој се споменува Армијата, истакнувајќи дека кога опозициските претставници се на средби во Европската народна партија или пак на националното собрание на НАТО, не им смета уставното име, а го кочат Законот токму поради тоа.

Шекеринска вели дека барањето на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски за „шпицен кандидат“ е бегање од соочувањето со премиерот Зоран Заев како носители на Изборна единица. Според неа, ова ВМРО-ДПМНЕ е само надградено и проширено на најлошата матрица на Груевски.

Стандард: Разговаравте ли со пратениците што се случува во моментов со Законот за одбрана?

Шекеринска: Законот за одбрана го чека ветеното дво-третинско мнозинство. Велам ветеното дво-третинско мнозинство од две причини: прво, нема политичка партија во Собранието која не ги почнувала своите почитички програми со приоритетот членство во НАТО и второ, ниту една партија немаше никакви забелешки ниту амандмани за Законот. Колку и да се трудеа, не можеа мана да најдат.

За жал, станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ стана кочничарска партија за сите стратешки приоритети на државата. Веќе нема план само да го одмолчи членството во НАТО, како што правеше цела година, туку активно работи истото ако може да го одложи, спречи или комплицира.

Еден ден предлагаат побрза ратификација на Протоколот, а следниот го блокираат Законот кој што ќе ни овозможи де факто да имаме колективна одбрана како дел од НАТО. Тоа е нелогично и невозможно.

Затоа, сепак очекувам дека Собранието ќе се спротивстави на тоа одење лево-десно и дека Законот за одбрана ќе го добие дво-третинско мнозинство. Со или без нив. Единствената дилема е дали ВМРО-ДПМНЕ и јавно ќе покаже дека се противи на државниот интерес број еден.

Стандард: ВМРО-ДПМНЕ вчера рекоа дека поднеле нов Предлог-закон за одбрана со единствена промена во делот за името на Армијата. Го видовте ли Предлог-законот?

Шекеринска: Вчера во системот на Собранието немаше стигнато таков закон и мислам дека тоа е само барање на алиби. Баш ме интересира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ кој беше на парламентарното собрание на НАТО под кое име настапи, под име на која држава. Како го бараат тоа од другите, а притоа истото не го почитуваат за себе. Имено, кога примаат плата не им пречи името на државата, кога ја претставуваат својата партија во ЕПП, ја претставуваат под името Северна Македонија, а сега кога велиме целата држава да се интегрира во НАТО и Армијата да стане Армија на НАТО, сега се трудат да најдат „рачки“ да го спречат тој процес. Успехот на државата, очигледно, единствено тие го доживуваат како неуспех.

Стандард: Премиерот на работниот доручек со Вас најави дека една од опциите е предвремена ратификација на Протоколот. Имате ли информации што се случува во Шпанија и дали на крајот сепак би се ратификувал предвремено поради изборите?

Шекеринска: Додека не се формира шпанската влада, сите наши проценки ќе бидат преуранети. Од моментот кога ќе се формира, ќе имаме кого конкретно да прашаме и ќе можат самите да излезат со проценки. Една од опциите може да биде Собранието повторно да се свика, бидејќи Собранието е во заседание, активно е, или да одиме со преуранета ратификација. Но сакаме да ја тераме работата така што ќе ги елиминираме сите дилеми, а тоа е да нема варијанти за изненадување. Најпосакуваното сценарио е ние да кажеме „да“ откако целиот тој процес ќе биде завршен и на нашата маса ќе биде „да“ од НАТО. Вака ќе биде гласање „за“, меѓутоа за ратификација која се уште не е завршена.

Стандард: Дали блокадата од ВМРО-ДПМНЕ го загрозува членството во НАТО, бидејќи остана само една ратификација?

Шекеринска: Ова што се случува со Законот за одбрана е загрозување на нашето учество во колективната одбрана на НАТО и второ, загрозување и на нашиот имиџ како сериозна држава. Ние баравме од земјите-членки брзо да ратификуваат, а сега покажуваме дека не сме спремни принципот на колективна безбедност, што е основата на НАТО, да го вградиме во нашиот Закон.

Стандард: Преговаравте со припадниците на Армијата и го донесовте колективниот договор. Дали има уште отворени прашања, односно дали уште преговарате со Армијата и колку нивни барања се исполнети?

Шекеринска: Колективниот договор е завршена работа, но уште поважно е што очекувам Законот за служба да биде брзо усвоен од Собранието. Во Законот за служба, владата и обезбедува на Армијата она што долги години било ветувано, но никогаш не било реализирано. Одиме во некои делови дури и многу повеќе од очекувањата на многумина во Армијата. После 10 години функционирање на маргините, Армијата најпосле ги доби вниманието и парите кои ги заслужува. Покажавме дека кога зборуваме за важноста на Армијата, тоа не се само зборови, туку дека сме спремни зад тие зборови да ставиме и поинакви закони и поинаков колективен договор, но најважно од се и пари.

Затоа две години по ред се зголемуваа платите во Армијата, помеѓу 3000 и 9000 ден зголемување, затоа сега, со Законот за служба обезбедуваме 7.000 денари станарина за секој вработен во Армијата; затоа обезбедуваме и дополнително зголемување на платите на цивилните лица во Армијата кои беа маргинализирани, некои од нив имаа плати дури и под минималните плати во државата. Армијата е жива материја, постојано ќе има нови и нови прашања, но за две години да го дуплирате буџетот за одбраната, за две години да ги зголемите платите, прво од 3.000 до 9.000 денари, а заедно со тие 7.000 денари практично ќе биде од 10.000 до 16.000 денари, тоа навистина не се случило од почетокот на нашата независност до денес.

За првпат во Законот вградуваме и можност за предвремено прензионирање по најповолни услови за припадниците на Армијата. Се сеќавам на скепсата со која се сретнав кога најавив дека ќе ги подобриме условите и приходите и дека ќе ја заштитиме Армијата. Денес, мислам дека и најголемите критичари не можат да најдат причина за критика и затоа можеби не сакаат да го гласаат и дискутираат Законот за одбрана, затоа што немаат аргументи против.

Стандард: Најавивте модернизација на Армијата, односно дека има многу работи кои треба да се расходуваат и многу кои треба да се набавуваат со цел НАТО стандарди. Дали меѓу работите кои треба да се расходуваат има работи кои се набавени и никогаш неупотребени?

Шекеринска: Најголемиот дел од опремата која е расходувана е стара опрема, која многу одамна требало да биде продадена, заменета или отпишана и мислам дека тоа после изборите треба да ни биде еден од поважните фокуси, магацините да се испразнат од роба која никогаш веќе не може да се употреби за да можеме фокусот да го ставиме на нова роба, нова опрема, одржување и чување на таа опрема под највисоки стандарди.

Еден пример кој асоцира на вашето прашање е случајот со службената униформа, која некомплетирана ја најдовме во магацините. Платена, изработена, но без можност да се стави во употреба. Постоеше опасност времето да ги уништи иако во нив се вложени сериозни пари. Очекувам дека во следните два до три месеци целосно ќе ја комплетираме униформата и после 30 години независност и после 18 планови за членство во НАТО, ќе можеме да кажеме дека нашата Армија е целосно подготвена и со чизми и со борбена и со свечена униформа.

Стандард: Дали најдовте решение за идејата професионалните војници кои се пензионираат да работат како обезбедување во државна сопственост?

Шекеринска: Во овој момент бројките на професионални војници кои полнат 45 години беа такви што имавме шанса да ги искористиме без да го воведеме тој модел и навистина ми е задоволство што можам да кажам дека во 2019 година на сите професионални војници на кои им заврши договорот со Армијата, им најдовме одлични работни места воглавно во затворската полиција, каде што имаше потреба. Без ниту еден проблем, за секого го решивме тоа. Никој не беше шиканиран заради политички или приватни причини и на секого му се даде шанса. Нашиот план е веднаш по изборите да почнеме со формирање на такво претпријатие во државна сопственост кое ќе нуди услуги и на Армијата, но и на други институции.

Стандард: Колку правосудството и случајот „Рекет“ влијаат врз рејтингот на СДСМ?

Шекеринска: Граѓаните бараат правда и тоа значи дека не ги интересираат точки, запирки и процедури. Сакаат да видат дека Законот за сите важи подеднакво. Тука очекувањата се и од владата и од судството. Ние како влада покажавме дека во ниеден момент не сме паднале во замката на нашите претходници. Предметот Рекет всушност покажува колку државата се променила. За само шест месеци имавме пријава на случај, предистраги, истраги, три притвора и судење кое е во тек. Ако го споредите овој период со периодот од 2015 година и „бомбите“, кога ниту една институција и покрај фрлагрантните кршења на законите, злоупотребите и корупцијата, не презеде ниту еден чекор, ќе видите дека владата веќе не ги контролира процесите, не се меша, не ги блокира и не создава заштитена класа на луѓе, меѓутоа тоа не е доволно.

Мислам дека и судството и судиите станаа свесни дека јавноста веќе нема да толереира да застаруваат сериозни криминали и корупции со одлагање. Тоа е причината зошто премиерот повика Антикорупциска и Судскиот совет да си ги завршат своите законски надлежности и не да зборуваме за вина на целото судство, туку точно да се покаже со прст кон оние судии кои имаат конфликт на интереси, кои не можат да го аргументираат своето богатство и имот и оние кои не судат, туку одлагаат судења. Затоа ние сме пред се загрижени за вербата не само кон владата, туку и кон целиот систем, затоа што граѓани кои не веруваат во судскиот систем не можат да веруваат ниту во сопствената држава, а ако не веруваат во државата, нема да инвестираат во неа, затоа тоа ни е приоритет.

Стандард: Наскоро ќе влеземе во предизборието, каква кампања очекувате?

Шекеринска: Ако по утрото денот се познава, ова ВМРО-ДПМНЕ е само надградено и проширено на најлошата матрица на Груевски. Контролата и мотивите се исти: партиски, строго лични и строго коруптивни и методите се исти: лаги, дезинформации, неаргументирани напади и бегање од одговорност. Ова беше стандард за ВМРО-ДПМНЕ кога беа власт, за жал остана и сега кога се во опозиција. Само ако ги анализирате нивните дејствувања по две клучни прашања, Закон за јавно обвинителство и Закон за одбрана, кои дирекно влијаат на двата приоритети, членство во ЕУ и членство во НАТО, ќе видите дека еден атом од својата сила, енергија и глас не трошат за државните интереси. Целата операција е да се спасат од судење, од одговорност и криминал и да создадат шанси повторно да ја крадат државата. Од Белата палата очигледно не треба да очекуваме ништо поразлично.

Стандард: Изборниот законик е блокиран од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Мицкоски најавува дека биде шпицен кандидат. Дали размислувате да се прифати моделот за шпицен кандидат, ако се најде решение за да се одблокира законот?

Шекеринска: Тоа покажува дека Мицкоски бега од изборен дуел со Заев и тоа е поразително за секоја опозициона партија. Ама како реков, ВМРО-ДПМНЕ остана исто. Бега од дуел, бега од отвореност и бега од рамноправност. Тоа што го правеше Груевски, на ист начин го тера и Мицкоски. Сметаме дека и во изборниот модел треба да промовираме поголема правичност. Изборниот модел со една изборна единица значи дека гласот на граѓанинот повеќе вреди, затоа што колку што ќе се гласа, толку партиите ќе добијат шанси за пратеници. Тоа што го промовираме во економија, социјала, правна држава и други области сакаме да го промовираме и во изборите. Вториот принцип е рамноправност. Да имаме исти шанси за мажите и жените. Џабе дискусии и конференции за правата ако не покажеме исти шанси за жените на изборните листи. Третиот принцип кој го промовираме за изборите е принцип на отвореност, пррку отворени листи. граѓаните велат дека заситени се од гласање за луѓе кои ќе тераат партиска агенда и дека сакаат да поддржат личности кои имаат свој капацитет и за кои тие ќе одлучуваат. СДСМ остана единствената голема парија која се залага за овие работи. Очигледно дека Мицкоски несигурен од својата позиција во ВМРО-ДПМНЕ, бега од отвореност на листите.

Стандард: Како партија го мерите вашиот рејтинг. Што очекувате од изборите?

Шекеринска: Победа.

Стандард: Може да се видат поделености помеѓу СДСМ и ДУИ. Исто така, премиерот најави дека ќе разговарате внатре во СДСМ во врска со коалицијата. Дали почнавте со разговорите и дали има криза во коалицијата?

Шекеринска: Коалиционите влади постојат и за да имаат разлики по одредени прашања. Ние во изминатиов период покажавме дека не сме суетни, дека нема да се водиме од тезата дека само нашето мислење ќе доминира, но покажавме и дека за некои наши принципи нема да преговараме. Мислиме дека се додека во таа рамка функционира коалицијата, има иднина. Блокирање на Изборниот закон со амандмани не беше наше посакувано сценарио и мислам дека им предизвика повеќе штета на ДУИ отколку ќар, бидејќи тешко е да им објасните на вашите гласачи дека сте против еднаквост, рамноправност и отвореност. Но тоа е нивна одлука.

Стандард: Ќе имате дополнителни заменици мнистри во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика. Бидејќи премиерот најави дека се размислува помеѓу имињата на Спасовски и Царовска, кој би бил кадарот кој би го заменил оној кој ќе биде технички премиер?

Шекеринска: Се уште е рано за кадровските прашања. Во моментот кога ќе треба да се донесат тие одлуки, ќе ги донесат партиските органи. Искрено речено, имаме многу поважна работа во меѓувреме и енергијата ни е кон тоа насочена. Нов буџет, буџет кој ќе вложува во повисоки плати и пензии, ќе ги враќа парите кај граѓаните но и редица закони кои за жал, заради ваквото однесување на опозицијата, се заглавени и фокусот ни е да им понудиме на граѓаните тоа што го ветивме.

Александар Тодески

Фото: Борче Поповски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail